Во августинскиот храм, кој го посети приватно два дена по неговиот избор за Папа, Светиот Отец ќе служи света Литургија во пресрет на празникот Рождество на Пресвета Богородица. По тој повод ќе биде откриена слика на која тој се моли пред ликот на Богородица, како и неговите претходници.
Папата Лав XIV се враќа во Џенацано, мал град на околу четириесет километри од Рим, каде што се наоѓа светилиштето на Мајката на Добриот Совет.
Оваа некогаш мала црква, посветена на Пресвета Богородица, им била доверена на августинските монаси во XIV век.
По приватната посета на 10 мај минатата година, два дена по неговиот избор за Папа, Светиот Отец повторно ќе го посети маријанското светилиште на 7 септември оваа година. Во пресрет на празникот Рождество на Пресвета Богородица, тој ќе служи света Литургија во 18:00 часот.
Прва посета како Папа
„Многу сакав да дојдам тука во овие први денови од новата служба што ми ја довери Црквата, за да ја продолжам мисијата како наследник на Петар“, им рече папата Лав XIV на августинските браќа и на верниците собрани пред базиликата за време на неговата прва посета на Џенацано како Папа.
Во книгата за впечатоци тој напиша дека чувствува должност и голема желба да дојде во светилиштето на Богородица од Добриот Совет.
„Во текот на целиот мој живот, таа ме придружуваше со своето мајчинско присуство, со својата мудрост и со примерот на својата љубов кон својот Син, Кој секогаш е во центарот на мојата вера, Патот, Вистината и Животот. Ти благодарам, Мајко, за твојата помош. Придружувај ме во оваа нова мисија“, напиша Римскиот епископ.
Папата Лав XIV, да потсетиме, му се приклучи на Редот на свети Августин во августинската провинција во Чикаго, посветена токму на Мајката на Добриот Совет.
Поврзаноста на Папата со Мајката на Добриот Совет
Петровиот наследник го избра ова симболично место за својата прва ненадејна посета на 10 мај 2025 година.
Како августински монах, Роберт Превост со децении го посетувал светилиштето на Пресвета Богородица од Добриот Совет. Првпат дошол таму како млад студент во Рим во раните 1980-ти години, а потоа често се враќал како генерален приор, подоцна како епископ на Чиклајо, а потоа и како кардинал.
Неговата последна посета пред изборот за Папа била на 25 април 2024 година, на празникот на Пресвета Богородица од Добриот Совет. Тогаш одржал проповед во која ги повикал верниците да ја придружуваат Марија, за да шират мир и помирување во светот.
На денот кога беше избран за Петров наследник, 8 мај 2025 година, папата Лав XIV, пред да се појави на централната ложа на базиликата „Свети Петар“, застана во молитва пред ликот на Пресвета Богородица од Добриот Совет.
Историја на светилиштето
Светилиштето на Богородица од Добриот Совет се наоѓа на местото на мала црква посветена на света Марија, која постоела уште во XIII век, кога августинците живееле во мал манастир надвор од ѕидините на Џенацано.
Во 1356 година, семејството Колона, кое го поседувало земјиштето, им ја доверило на монасите пасторалната грижа за ова место на богослужба.
На почетокот на XV век тие одлучиле да ја обноват и прошират црквата, заедно со блискиот манастир. Во проектот се вклучила и една вдовица, августинка од Третиот ред, по име Петруча, која го продала целиот свој имот за да помогне во изградбата.
Иако била исмејувана затоа што немала доволно пари за да ја заврши работата, таа постојано тврдела дека Пресвета Богородица и свети Августин ќе ја довршат црквата.
На 25 април 1467 година, на еден од ѕидовите на црквата што сè уште била во изградба, чудесно се појавил ликот на Пресвета Богородица.
Двајца албански ходочесници го препознале како ликот на Дева Марија што бил почитуван во Скадар, Албанија, и кој, според преданието, се одвоила од тамошното место на богослужба.
Настанот предизвикал големо восхитување и привлекол илјадници верници. Биле забележани и бројни чуда и милости по застапништвото на Богородица. Благодарение на постојаниот прилив на милостина, изградбата на црквата и августинскиот манастир била завршена.
Папите и светилиштето во Џенацано
Пред папата Лав XIV, светилиштето во Џенацано низ вековите го посетиле папата Урбан VIII, папата Пиј IX, папата Иван XXIII и папата Иван Павле II. Нивните посети се прикажани на ѕидовите на една мала капела во светилиштето.
По повод посетата и евхаристиското славење на 7 септември, како што изјави отец Лудовико Центро за ватиканските медиуми, ќе биде откриена слика на која папата Лав XIV се моли пред ликот на Богородица, како што биле прикажани и неговите претходници.
Со оваа посета, Папата уште еднаш ја изразува својата голема поврзаност со Мајката на Добриот Совет, која го придружувала неговиот духовен и пастирски пат уште пред изборот за Петров наследник.
Ватикан њуз/к.мк

