Папата на Царице Небесна: Исусовата љубов е конкретен пат

Љубовта која Исус ни ја заповеда е конкретен пат за излегување од себе; таа е љубовта која се манифестира и покрај разликите во мислењата или карактерите на конкретни луѓе, бидејќи таа е над тие разлики – истакна Светиот Отец на пладневниот говор во недела 10 мај пред молитвата Царице небесна.

Светиот Отец потсети на Исусовите зборови од денешниот дел од Евангелието во кој на Последната вечера заповеда: Љубете се еден со друг како што јас ве љубам“ и напомена дека „поголема љубов никој нема од оваа: животот свој да го положи за своите пријатели. Вие сте мои пријатели ако го правите тоа што ви го заповедам. Тие зборови ја сумираат целата Исусова порака – рече Папата – како и целото негово дело: го положил својот живот за своите пријатели кои не го разбирале и во клучниот момент го напуштиле, го предале и негирале. Тоа значи дека нè љуби, иако тоа не сме го заслужиле: толку голема е Неговата љубов – рече Папата.

Исусовата заповед за љубовта не е апстрактно или надворешно упатство за животот. Неговата заповед е нова, затоа што Он прв ја остварил; Он ја овоплотил и на тој начин законот на љубовта станува еднаш засекогаш запишан во човечкото срце; запишан со пламенот на Светиот Дух. А со Светиот Дух Кој Исус ни го испраќа – рече Папата – и ние можеме да одиме по патот на љубовта.

Тој е конкретен пат за излегување од себе за да им се оди на другите во пресрет. Исус ни покажа дека љубовта кон Бог се остварува преку љубовта кон ближниот: двете одат заедно. А во Евангелието гледаме како сите – од деца до возрасни, од богати до сиромашни, од учени и неуки, од праведни до грешни – во Христовото срце нашле прифаќање.

Исусовата заповед на љубовта нè повикува меѓусебно да си посакуваме добро; дури и кога меѓусебно не се разбираме или не се согласуваме. Но, всушност во тоа се гледа христијанската љубов: таа е откупената љубов ослободена од егоизмот – како што Исус поучува – во полнина на радоста.

Христовата љубов која преку Светиот Дух е излиена во нашите срца секој ден извршува во Црквата и во светот чуда – рече папата Фрањо и додаде: Има толку многу големи и мали гестови кои ја исполнуваат Господовата заповед: да бидеш со стар човек, со дете, со болен, со човек во тешкотија кој е без дом, без работа; со човек кој е мигрант, бегалец…

По молитвата Царице небесна Папата ги поздрави собраните поклоници. Ги поздрави италјанските шумари кои го одбележуваат националниот ден на природните резервати, учесниците на работилницата за училиште и семејство во организација на Италјанската епископска конференција и делегацијата од здружението „Komen Italia“ кое се залага за борба против карциномот на дојка.

На крајот папата Фрањо ги поздрави сите кои се вклучија во денешниот Марш за живот во Рим кој започна со пладневниот наговор на плоштадот Свети Петар и на кој учествуваа и бројни кардинали меѓу кои и Рајмонд Бурке, Анџело Амато, Зенон Грохолевски, Марк Квелет и други. „Важно е заедно да се работи за да се штити и промовира животот“ – поттикна Папата додавајќи дека во многу земји денес се обележува Денот на Мајките и поттикнувајќи со благодарност да се сетиме на нашата мајка и да молиме за нив.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот