Папата на светата Литургија на Педесетница: Без Светиот Дух не е возможна мисијата на Црквата

Христос продолжува да го праќа врз Црквата Светиот Дух: „без Него мисијата е невозможна“. Тоа го рече папата Фрањо на литургијата на Педесетница, која ја служеше во недела, 8 јуни во ватиканската базилика Свети Петар. Ветувањето на Христос кон учениците, дека Духот на вистината ќе сведочи за Него (Иван 15. 26), не се ограничува само во минатото, туку е „настан, кој постојано се обновува“, рече Папата. „Христос во слава, од десната страна на Отецот, продолжува да го исполнува своето ветување, испраќајќи го врз Црквата животворниот Дух, кој нè учи, кој нè потсетува и кој ни помага да водиме дијалог.

Светиот Дух не е доктрина, туку „учител во животот“, рече Папата: „наставник во внатрешниот живот на човекот“, кој нè води по вистинскиот пат преку различните животни ситуации „и нè учи да го следиме Исус“.

Светиот Дух „нè потсетува на сето кажано од Исус“, продолжи Папата. Тоа сеќавање не се сведува на еден ретроспективен факт, туку значи дека „целосно навлегуваме во значењето на зборовите“. „Духот нè потсетува на заповедта на љубовта и нè повикува да ја исполнуваме. Еден христијанин без спомен, не е вистински христијанин. Тогаш станува заробеник на моментот во кој не може да ја процени вредноста на својата историја, не може да направи нејзин преглед и не може постојно да ја живее, како историја на спасението“.

„Но, со помош на Светиот Дух, можеме да ја толкуваме внатрешната инспирација и животните настани во светлината на Исусовите зборови“, објасни Папата: „така во нас расте познавањето на историскиот спомен, познавањето на срцето, кое е дар на Светиот Дух. Нека Светиот Дух го оживее во сите нас христијанскиот спомен“, охрабри Папата.

Светиот Дух ни помага во дијалогот со Бог и со луѓето, продолжи Папата. „Ни помага да зборуваме со Бог во молитвата и ни овозможува да Го нарекуваме Ава Оче“ (Рим. 8,15). Ни помага во „братскиот дијалог“ со другите, за да ги разбереме нивните „барања и надежи“. „Светиот Дух ни помага да зборуваме и со пророците, кога нè прави смирени проводници на Божјото Слово – додаде Папата. Пророштвото се карактеризира со отвореност и отворено прикажување на противречностите и неправдите, но секогаш се служи со благост и во конструктивен дух. Обземени од Духот на љубовта, можеме да се претвориме во знаци и средства на Бог, кој сака, служи и дарува живот“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот