Папата на Генералната аудиенција: Отсуството на татко во животот на децата и младите предизвикува рани

Отсуството на татко во животот на децата и младите предизвикува рани кои можат да бидат многу тешки. Застранувањата на младите може во добар дел да се сведе на тој недостаток, на отсуството на примерот и авторитетот на водачот во нивниот живот. Чуството како да се сираци во животите на многу млади е подлабоко отколку што мислиме – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 28 јануари во салата Павле VI. Продолжувајќи со катехеза за семејството, Светиот Отец денес ја осветли улогата и ликот на таткото.

„Татко“ за нас христијаните ни е најмил збор, бидејќи Исус нè поучи со него да Му се обраќаме на Бог. Значењето на зборот „татко“ доби нова длабочина затоа што Исус го користеше во молитвата, објавувајќи го својот посебен однос со Бог. Блаженото таинство на Отецот, Синот и Светиот Дух објавено во Исус е срцето на нашата христијанска вера – објасни папата Фрањо. „Татко“ е познат збор на сите, општ збор и означува основен однос стародревен колку што е и самата човечка историја. Меѓутоа денес дојде до тоа да живееме во „општество без татковци“ – рече Папата. Особено во западната култура ликот на таткото е симболично отсутен, исчезна, отстранет. На прв поглед тоа изгледа како ослободување од „таткото – господар“; таткото како преставник на законот кој се наметнува однадвор; надзорник на радоста на децата и пречка на самостојноста и независноста на младите.

Понекогаш во минатите времиња, во домовите владеало авторитаризам, кога родителите се однесувале кон децата како кон слуги, не одговарајќи за личните потреби за нивниот раст; се работело за татковци кои на децата не им помагале слободно да се осмелат да преземат сопствена одговорност за градење на иднината – рече Папата и продолжи: Сега поминавме од една крајност на друга: изгледа дека проблемот на нашето време не е наметнатото присуство на татковците колку што е нивното отсуство; татковците кои толку многу се концентрирани на себе и сопствените односи што забораваат на семејството и ги оставаат децата и младите сами. Уште како епископ во Буенос Аирес забележав дека денешните деца се чувствуваат како сираци – рече Папата, истакнувајќи дека е важно татковците „да го губат времето“ со своите деца, да си играт со нив. Би сакал да кажам на сите христијански заедници дека треба да бидеме многу внимателни: отсуството на татковскиот лик во животот на децата и младите предизвикува рани кои можат да бидат и многу тешки“ – рече Папата.

Децата се чувствуваат како сираци, бидејќи татковците – често и физички – се отсутни од домот, но, пред сè бидејќи не се однесуваат како татковци дури и кога се присутни; не ја исполнуваат својата воспитна задача, не даваат пример на децата со своите зборови, начела, вредности; оние правила на живот кои им се потребни како што и е потребен лебот – нагласи Светиот Отец.

Воспитната вредност на татковското присуство толку е потребна колку што повеќе таткото заради работа е присилен да биде далеку од дома. Понекогаш изгледа дека татковците не знаат добро кое место да го заземаат во семејството и како да ги воспитуваат децата, па се повлекуваат и се откажуваат од своите одговорности, барајќи можеби засолниште во неверојатен однос кој би бил на „исто ниво“ со децата. И пошироко во општеството има одговорност кон младите која понекогаш ја занемаруваат и оставаат зад себе сираци без учители, идеали, вредности и надеж. Таа празнина можеби ја исполнуваат идоли кои го крадат нивното срце. Младите се поттикнуваат да сонуваат за забави и задоволства, но не им се дава работа; ги заведува богот на парите, а им се негираат вистинските богатства.

За сите ќе биде добро повторно да го послушаме Исусовото ветување на учениците: Нема да ве оставам сираци. Исус е патот по кој треба да одиме, Учителот кој треба да го слушме, надеж дека светот може да се промени, дека љубовта ја победува омразата – рече папата Фрањо, додавајќи дека следната среда ќе зборува за убавината на родителството. Папата на крајот потсети дека денес го славиме споменот на свети Тома Аквински и посака неговата посветеност на студиите да биде пример на младите во посветеноста на евангелското служење, неговата вера пример за болните, а неговата добрина пример на младите брачни парови.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот