Папата назначи нов секретар на Конгрегацијата за богопосветен живот

Ватикан, 8.4.2013 /к.мк/ – Папата Фрањо за секретар на Конгрегацијата за институти со богопосветен живот и заедници со апостолски живот го именува генералниот провинцијал на малите браќа од редот на свети Фрањо, 59-годишниот Шпанец отец Хозе Родригез Карбало, назначувајќи го истовремено и за архиепископ. Новиот епископ го започнува своето образование во Сантијаго де Компостела, по што специјализира во Ерусалим. Во 1977 година е ракоположен за свештеник во црквата Свети Салваторе во Назарет.

По враќањето во Шпанија, зазема различни позиции, меѓу кои и гвардијан, ректор во манастирот на Свети Фрањо во Сантијаго де Компостела, како и духовник за браќата со времени завети. Во овој период исто така е и професор по теологија. Во 1992 година е избран за провинцијал во Сантијаго де Компостела, а од 1993 година до 1997 година е претседател на Сојузот на провинцијали на фрањевците во Европа. На 5 јуни 2003 година е избран за генерален провинцијал на Редот на Малите браќа, станувајќи така 119-от наследник на свети Фрањо од Асизи, назначување кое е продолжено во 2009 година за уште шест години.

Член e на Конгрегацијата за eвангелизација на народите и на Институтите за богопосветен живот и заедниците со апостолски живот. Отец Карбало учествува на Епископските синоди во 2005, 2008 и 2012 година, како и на синодата за Блискиот Исток во 2010 година. Учествува на Петата Генерална конференција на епископите од Латинска Америка во Апаресида во 2007 година. Автор е на бројни пишани трудови за богопосветениот и духовниот живот, за пасторална теологија, за Светото Писмо и фрањевската духовност. Автор е и на многу книги. Монсињор Карбало зборува шпански, англиски, француски, италијански, португалски и има познавање на латинскиот јазик, грчкиот и еврејскиот јазик.

 

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<