Папата: Мачениците ја водат Црквата напред

Папата: Мачениците ја водат Црквата напред

Малите прогонети Цркви се најголемата сила на денешната Црква – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 30 јануари 2017 година во капелата на домот света Марта, говорејќи за мачениците кои, како што рече, денес ги има повеќе отколку во првите векови. Медиумите за тоа не говорат, затоа што тоа не е вест, рече Папата поттикнувајќи на молитва за мачениците.

Без сеќавање, нема ниту надеж, рече Папата говорејќи за делот од Посланието до Евреите, кој поттикнува на сеќавање на целата историја на Божјиот народ. Токму во единаесетата глава, која литургијата овие денови ја предлага, се говори за сеќавањето. Во првиот ред за „сеќавањето на послушноста“, на многу луѓе, започнувајќи од Авраам кој излегува послушен од својата земја, не знаејќи каде оди. Денешниот дел говори за други две сеќавања. Сеќавање на големите дела кои Бог ги направил на Гедеон, Варак, Самсон, Давид, многумина кои направиле големи дела во историјата на Израел – рече Папата.

Говорејќи пак за третата група луѓе на кои треба да се сеќаваме, рече дека тоа се денешните маченици, тие кои страдале и го дале животот, како Исус, кои се каменувани, мачени, со меч погубени.“ Црквата навистина е „тој Божји народ,“ „грешен, но послушен“ кој прави големи дела и го сведочи Исус Христос сѐ до мачеништво. Мачениците Црквата ја носат напред, ја поддржувале Црквата и денес ја поддржуваат. Денес пак ги има повеќе отколку во првите векови – рече Светиот Отец.

Медиумите тоа не го говорат, затоа што тоа не е вест, но многу христијани во светот денес се блажени затоа што се прогонувани, клеветени, затворани. Во затворите има многу, само затоа што носат крст или веруваат во Исус Христос. Тие се славата на Црквата, нашата поддршка и нашето понижение: имаме сѐ, сѐ ни изгледа лесно, а ако нешто ни недостасува, веднаш се жалиме. Да мислиме на овие браќа и сестри кои поднесуваат мачеништво, во поголем број отколку во првите векови – поттикна Папата.

Папата истакна дека прогонетите мали Цркви се најголемата сила на денешната општа Црква. Ние исто така со право, сме задоволни кога гледаме некое црковно големо дело дека е многу успешно, кога христијаните се покажуваат… Убаво е тоа затоа што е знак на сила. Сепак денешните мали Цркви, бројно мали заедници, прогонувани, чиј епископ е во затвор се нашата најголема сила и нашата слава – рече Папата додавајќи:

Се осудувам да кажам дека Црквата без маченици е Црква без Исус, рече Папата и повика на молитва за мачениците кои многу страдаат, за Црквите кои немаа слобода на изразување: тие се нашата надеж. Папата потсети дека за првите векови на Црквата еден писател говорел дека крвта на христијаните, крвта на мачениците е семето за христијани. Тие со своето мачеништво, со своето сведоштво, со своето страдање, исто така и со жртвата на животот ги сеат идните христијани. Да ја принесеме оваа света Литургија за своите маченици, за оние кои сега страдаат, за Црквата која страда, кои не се слободни. Да Му се заблагодариме на Господ со силата на неговиот Дух ,присутна во тие наши браќа и сестри кои и денес Го сведочат  – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот