Папата: Денеска си играме со ракети и бомби; кој верува во Бог решително ја отфрла војната

Папата: Денеска си играме со ракети и бомби; кој верува во Бог решително ја отфрла војната

На крајот на форумот во Бахреин за дијалог со водачите на различни религии, Папата повика на заедничка акција за елиминирање на поделбите. Тој ја осуди војната и ја нагласи потребата од вистинска верска слобода, признавање на жените, заштита на правата на децата. Покрај тоа, тој уште еднаш апелираше за прекин на војната во Украина и за започнување сериозни мировни преговори

По две ужасни светски војни и студената војна што го држеше светот во неизвесност со децении, и додека насекаде се водат катастрофални конфликти, светот повторно е на работ на кревка рамнотежа. Затоа, религиите треба да дејствуваат, да се обединат, да се состануваат во името на Бог чие име е „мир“ и да ги осудат и изолираат насилниците кои го злоупотребуваат неговото име, како и да престанат да ги поддржуваат терористичките движења – рече папата Фрањо на вториот ден од неговиот престој во Бахреин, говорејќи на крајот од Форум за дијалог: Исток и Запад за човечки соживот, настан за дијалог што се одржува под покровителство на кралот Хамад бин Иса Ал Калифа, главната причина за посетата на Папата на таа земја.

Во таа прилика Светиот Отец уште еднаш апелираше за крај на војната во Украина и почеток на сериозни мировни преговори.

Во градината на човештвото, наместо да се грижиме заедно, си играме со оган, ракети и бомби, со оружје што предизвикува солзи и смрт, покривајќи го нашиот заеднички дом со пепел и омраза.

Верските авторитети од целиот свет

До папата Фрањо, на плоштадот Ал-Фида во кралската палата Сахир во Авали, седеа претставници на верските и граѓанските власти од целиот свет. Присутен беше „Драгиот брат“ Ал-Тајеб, големиот имам на Ал-Азхар, како и уште еден „драг брат“, Вартоломеј I, вселенски патријарх од Константинопол, поврзани со Хорхе Марио Бергољо и цврстата врска на почит и пријателство.

Парадоксот на денешниот свет

Во долгиот говор на форумот,  римскиот бискуп побара да се најдат мирни решенија за глобалната криза, во чиј корен – како што рече – е парадокс. Додека мнозинството од светското население е обединето од истите тешкотии, погодени од сериозна прехранбена, еколошка и пандемиска криза, како и од сè поскандалозна планетарна неправда, неколкумина моќници се фокусираат на решителна борба за еднострани интереси, откопувајќи ги застарените изрази и промовирајќи сфери на влијание и спротивставени блокови.

Повеќе поделени отколку обединети

Поделбите се тие што го рануваат денешниот свет. Живееме во време во кое човештвото, поврзано како никогаш досега, а всушност е повеќе поделено отколку обединето – истакна Светиот Отец и поттикна на единство, повикувајќи се на етимологијата на зборот Бахреин, „две мориња“. Како водите на морето, верските и граѓанските водачи се повикани да ги поврзуваат земјите и народите.

Но, „двете мориња“ се однесуваат на слатките води на подморските извори и солените води на Заливот. Токму таков е светот денес.

Од едната страна е мирното и слатко море на заедничкиот живот, а од другата е горкото море на рамнодушност, нарушено од конфликти и разбранувано од ветровите на војната, со сè побурните деструктивни бранови кои можат да преплават сè. За жал, Исток и Запад се повеќе личат на две спротивставени мориња.

Исток и Запад заедно за доброто на сите

Напротив, тука сме заедно – рече папата Фрањо – затоа што имаме намера да пловиме по истото море, избирајќи го патот на средбата, а не оној на конфликтот. Во глобализираниот свет, можете да одите напред само со веслање заедно, доколку пловете сами, струјата не носи – истакна тој и ги охрабри сите во бурното море секогаш да го имаат пред очи Документот за човечко братство, потпишан во 2019 година во Абу Даби.

Овде сме, верници во Бога и браќа, да го отфрлиме изолирувачкото размислување, начинот на гледање на реалноста што го занемарува единственото море на човештвото за да се фокусира само на сопствените струи. Сакаме споровите меѓу Истокот и Западот да се решат за доброто на сите, без да се одвлекува вниманието од другите разлики кои постојано и драматично се зголемуваат, меѓу северот и југот на светот, поради што голем дел од луѓето кои живеат на Земјата страдаат од невидена неправда, глад и последиците од климатските промени.

Треба да се молиме за да се исчистиме од себичноста и затвореноста

Светиот Отец ја истакна потребата од молитва, бидејќи кој се моли – како што рече – добива мир во своето срце и не може, а да не стане негов сведок и гласник. Освен тоа, најмногу преку пример, ги повикува своите ближни да не станат заложници на паганството, кое го сведува човекот на она со што продава, купува и се забавува, туку да го откријат бескрајното достоинство што секој го носи во себе. За да се постигне ова, верската слобода е апсолутно неопходна – рече Папата и ги охрабри верските водачи да застанат за почитување на местата за богослужба, секогаш и секаде, а молитвата да се охрабрува и никогаш да не се попречува.

Жени, деца, граѓанство – три образовни предизвици

Друг предизвик е образованието. Онаму каде што недостигаат можности за образование, екстремизмот се зголемува и фундаментализмот се вкоренува – предупреди Папата и додаде: Ако незнаењето е непријател на мирот, образованието е пријател на развојот. Но, не е доволно да се каже дека сме толерантни, треба навистина да им дадеме простор на другите, да им дадеме права и да им дадеме можности.

Тој потоа истакна три итни потреби во образованието: жените во образованието, на работа и во остварувањето на социјалните и политичките права; заштита на основните права на децата и граѓанско образование за почитување и законитост. На тоа мора да се посветиме за да можеме да се откажеме од дискриминаторската употреба на терминот малцинство во нашите општества, што со себе носи семе на чувства на изолација и инфериорност – истакна Светиот Отец.

Да се осудат и изолираат насилниците кои го злоупотребуваат Божјето име

Освен тоа, треба да се отфрли омразата, насилството, раздорот и сè што го валка Божјето име. Мора силно да кажеме „не“ на војната и насилството. Не е доволно да се каже дека религијата е мирољубива; неопходно е да се осудат и изолираат насилниците кои го злоупотребуваат нејзиното име. Неопходно е да престанеме да ги поддржуваме терористичките движења преку набавка на пари, оружје, планови или оправдувања, па дури и преку медиумско покривање, и сето тоа да се смета за меѓународни злосторства што ја загрозуваат светската безбедност и мир. Ваквиот тероризам треба да биде осуден во сите негови форми и манифестации.

Спротивставување на војните и вооружувањето

Религиозен човек, човек на мирот, исто така се противи на трката за оружје, воените работи, пазарот на смртта (…) и оди само по еден пат, на братството, дијалогот и мирот – истакна папата Фрањо и на крајот охрабри: Нека биде сè поефикасен и поцврст курсот на големите религии, нека има совест за мир за светот!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот