На 8 октомври 2016 година Светиот Отец на молитвеното бдение во Ватикан по повод Богородичниот јубилеј во Годината на милосрдието одржа пригодна проповед во која се осврна на примерот на Марија која ни го оставила на нас христијаните.
Проповедта на Папата ја пренесуваме во целост…
* * * * *
Драги браќа и сестри,
На оваа бдение во друштво на Пресвета Богородица ги поминавме главните моменти од Исусовиот живот. Со умот и срцето отидовме до денот на исполнувањето на Христовата мисија во светот. Воскресението како знак на екстремната љубов на Отецот Кој сѐ повторно изведува во живот и како исчекување на нашата идна состојба. Вознесението како дел во славата на Отецот каде што дури и нашето човештво ќе има привилигирано место. Духови израз на посланието на Црквата во историјата до крајот на времето под водството на Светиот Дух. Во последните две таинства исто така ја набљудувавме Дева Марија во небесната слава. Таа која уште од првите векови ја нарекуваме како Мајка на милосрдието.
Молитвата Света Бројаница од многу аспекти е синтеза на историјата на Божјото милосрдие кое станува историја на спасението за оние кои дозволуваат да ги обликува благодатта. Таинствата кои поминуваат пред нас се конкретни гестови преку кои во нас се развива Божјото делување. Преку молитвата и медитацијата за Исусовиот живот повторно го гледаме неговото милосрдно лице кое оди во пресрет на сите, во различни животни потреби. Марија на тој пат нѐ придружува, укажува на Синот кој зрачи со истата милост на Отецот. Таа навистина е Показателка (на Патот), Мајка која го покажува патот на кој сме повикани да го поминеме за да бидеме вистински Исусови ученици. Во секое таинство на Светата Бројаница чувствуваме дека ни е блиску и размислуваме за неа како за прва ученичка на својот Син која ја спроведува во пракса волјата на Отецот (Лк 8, 19-21).
Молитвата Света Бројаница нѐ не одалечува од животните грижи; напротив од нас бара да се овоплотиме во историјата на сите денови за да знаеме да ги препознаеме знаците на Христовото присуство меѓу нас. Секој пат кога размислуваме за некој момент, за некое таинство од Христиот живот повикани сме да препознаеме на кој начин Бог влегува во нашиот живот за да му изразиме добродојде и да Го следиме. Со тоа го откриваме патот кој нѐ води до наследувањето на Христос во служба на браќата. Прифаќајќи ги и асимилирајќи ги во себе некои од истакнатите настани од Исусовиот живот учествуваме во Неговото евангелизациско дело за Царството Божјо во светот да расте и да се проширува. Ученици сме, но и мисионери и носители на Христос таму каде што Тој од нас бара да биде присутен. Затоа не можеме да го потиснеме дарот на Неговото присуство во нас. Напротив, повикани сме со сите да ја споделуваме Неговата љубов, неговата нежност, неговата добрина, неговото милосрдие. Ова е радоста на споделувањето која не запира пред ништо затоа што го пренесува навестувањето на ослободувањето и спасението.
Марија ни овозможува да разбереме што значи тоа да бидеме Христови ученици. Таа отсекогаш е избрана да биде Мајка; навикнала да биде ученичка. Нејзиното прво дело било да застане и да го слуша Бог. Го послушала поздравот на ангелот и го отворила своето срце за да го прифати таинството на божественото мајчинство. Го следела Исуса, слушајќи го секој збор кој излегувал од неговата уста (Мк 3, 31 до 35); сето тоа го сочувала во своето срце (Лк 2, 19) и станала живо сеќавање на знаците кои Синот Божји ги исполнил за да ја разбуди нашата вера.
Меѓутоа само слушањето не е доволно. Тоа секако е првиот чекор, но слушањето потоа треба да се преточи во конкретни дела. Всушност ученикот го става својот живот во служба на Евангелието. И така Марија веднаш заминала кај Елисавета за да ѝ помогне во нејзината бременост (Лк 1, 39-56); во Витлеем го родила Синот Божји (Лк 2, 1-7); во Кана се погрижила за младиот пар (Ив 2, 1-11); на Голгота не се оддалечила од болката, туку останала под Исусовиот крст и по Неговата волја станала Мајка на Црквата (Ив 19, 25-27); по воскресението ги утешувала апостолите собрани во салата на Последната вечера во исчекувањето на Светиот Дух кој ги претвора во храбри гласници на Евангелието (Дела 1, 14). Преку целиот свој живот, Марија го остварила она што се бара од Црквата да го исполни во вечен спомен на Христос. Во нејзината вера гледаме како да ја отвориме вратата на срцето во послушноста кон Бог; во нејзиното самоодрекување откриваме колку треба да бидеме внимателни на потребите на другите; во нејзините солзи наоѓаме сила за утешување на оние кои се во болка. Во секој од тие моменти, Марија го изразува богатството на Божјото милосрдие кое оди во пресрет на сите во нивните секојдневни потреби.
Да ја повикаме вечерва нашата нежна небесна Мајка со најстарата молитва со која христијаните ѝ се обраќале посебно во моментите на тешкотија и мачеништво. Да ја повикаме со сигурноста дека ќе бидеме утешени со нејзиното мајчинско милосрдие Таа – „славна и благословена“ – би можела да биде заштита, помош и благослов во секој ден од нашиот живот:
„Под твојата заштита се засолнуваме о, пресвета Богородице не отфрлај ги нашите молби за потребите наши, туку ослободи нѐ од сите наши опасности, о, славна и благословена Дево.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк