Папата Лав XIV: Учете гостопримство од свети Јосиф и Светото Семејство

Папата Лав XIV: Учете гостопримство од свети Јосиф и Светото Семејство

Папата Лав XIV ги повика заедниците да се угледаат на Светото Семејство од Назарет за повторно да го откријат својот повик да ги пречекуваат другите и да учат да одат по патот на служењето, обраќајќи им се на учесниците на „Катедрата за гостопримство“.

„Ве охрабрувам да бидете воспитувачи за гостопримство“, рече папата Лав XIV во четврток, 12 март 2026 година, во Ватикан, обраќајќи им се на учесниците на „Катедрата за гостопримство“, културно-образовен настан кој се одржува по четврти пат и е поврзан со Сакрофано, место северно од Рим.

Настанот е организиран од движења и организации од т.н. „трет сектор“, во соработка со Папскиот латерански универзитет во Рим, и нуди простор за дијалог и размислување за актуелни теми. Годинава темата беше: „Младите и Црквата: гостопримство што создава припадност“.

Во своето обраќање, Светиот Отец понуди размислувања за тема „Катедра“. Папата забележа дека деновите на размислување биле проникнати од свеста дека христијанскиот повик е насочен кон создавање заедништво меѓу луѓето. Папата истакна дека заедништвото се раѓа од способноста да се пречека другиот преку слушање, гостопримство и помош.

Благодатта на средбата

Папата Лав XIV рече дека во срцето на секое автентично пречекување стои однос роден од благодатта. Токму во оваа динамика на средба, објасни тој, се наоѓа и причината што четвртото издание на „Катедрата“ го посветува на младите.

„Во време обележано со длабоки културни и општествени преобразби“, рече Папата, „младите, кои по природа се иднината на општеството и на Црквата, веќе се нејзина жива и плодна сегашност.“

Тој додаде дека нивните прашања и грижи нè повикуваат да го обновиме начинот на нашите односи.

„Да ги пречекаме младите значи, пред сè“, нагласи папата Лав, „да ги слушаме нивните гласови, да ги сретнеме нивните погледи и да препознаеме дека, во нивните животи и во нивните јазици, Духот и понатаму дејствува и предлага нови патишта на присуство и грижа.“

Присуство и грижа

Папата се задржа на две зборови: „присуство“ и „грижа“, кои, според него, го осветлуваат христијанското значење на гостопримството.

„Секој од нас, уште од првиот миг на животот“, рече тој, „расте во една општествена стварност“, спомнувајќи ги семејството, парохијата, училиштето, универзитетот и работното место. Секоја од овие средини, истакна, е „модел на општество“ каде се вкрстуваат психолошки, правни, морални, педагошки и културни димензии и претставуваат „простори во кои се оформува идентитетот“, а нивната основна задача се определува токму преку присуството.

„Да бидеме присутни во животот на другите“, рече папата Лав XIV, „значи да споделуваме време, искуства и смисла, нудејќи стабилни точки на потпирање во кои другите можат да се препознаат и да растат.“

„Гледајќи кон Светото Семејство од Назарет“, додаде тој, „секоја заедница што пречекува може повторно да го открие својот повик и да научи да се насочи по патот на служењето.“

Искуството на Светото Семејство

Папата потсети на евангелската сцена во која Марија и Јосиф не можат да Го најдат Исус, а потоа, во болка, повторно Го наоѓаат по три дена во Храмот. Тоа, рече тој, нè учи дека присуството на другиот не е нешто што се подразбира само по себе, туку е плод на постојано барање.

„На секого од нас му се случило“, рече Папата, „да изгуби некого или нешто за кое бил длабоко врзан. Во тој миг сфаќаме колку драгоцено било тоа присуство.“

Истото, продолжи тој, се случува и во животот на верата: „Често ја земаме здраво за готово присутноста на Исус во нашиот живот, сè додека одеднаш не ни се чини дека Тој веќе не е таму каде што сме Го оставиле.“

Повик да Го бараме Исус

„Чувствуваме загуба“, рече папата Лав. „Во стварност, не е Тој оној што се изгубил, туку ние сме се оддалечиле.“

Кога тоа ќе се случи, објасни тој, повикани сме да Го бараме со доверба и со храброст да минеме по непознати патишта, гледајќи го светот со нови очи, исполнети со надеж.

„Така“, рече тој, „ќе престанеме да бараме Бог според наша мерка и ќе Го сретнеме таму каде што Тој живее.“

Да Го бараме Исус, додаде Папата, значи да преминеме од сигурноста на нашите убедувања кон одговорноста на средбата, учејќи да ја препознаеме и да ја пречекуваме Божјата присутност што секогаш е „понадвор“.

Моќниот пример на свети Јосиф

„Токму тоа го направи свети Јосиф“, рече папата Лав, „кога го чуваше семејството што Господ му го довери.“

Во Јосиф, објасни Папата, гледаме дека пречекувањето, покрај присуството, е и грижа.

„Да се грижиме“, рече папата Лав, „значи да стоиме покрај другиот со внимание, да ги почитуваме неговите избори и да преземеме одговорност за него.“

Овој став, истакна тој, најпрво му припаѓа на Бог, Кого Библијата Го покажува како заштитник на Својот народ. И човечкото семејство, додаде тој, е повикано да го зачува она што му е доверено.

„Така Јосиф ни покажува дека присуството и грижата се неразделни димензии: не можеш да штитиш без да бидеш присутен, и не можеш да бидеш вистински присутен без да преземеш одговорност за другиот.“

Пат кон светоста

Со оваа мисла, папата Лав XIV истакна дека присуството и грижата можат да бидат две светилки за гостопримството што отвора патишта кон светоста.

Заблагодарувајќи им на присутните за нивната ненаметлива посветеност, Папата ги охрабри да бидат воспитувачи во гостопримството и да продолжат заедно „да создаваат средини што ќе го поттикнуваат доброто и братството во христијанската заедница и во општеството.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот