Папата Лав XIV го доби првиот примерок од книгата „Слободни под благодатта“

Папата Лав XIV го доби првиот примерок од книгата „Слободни под благодатта“

Првиот примерок од италијанското издание на книгата, која ќе биде достапна од понеделник, 4 мај, му беше предаден на Папата. Книгата ги содржи неговите текстови од времето кога служел како генерален приор на Редот на свети Августин.

Италијанското издание на книгата „Слободни под благодатта“, во издание на Ватиканската издавачка куќа, му беше предадено на папата Лав XIV. Книгата претставува збирка текстови од времето кога Папата, како Роберт Превост, ја извршувал службата генерален приор на Редот на свети Августин, од 2001 до 2013 година.

Првиот примерок од италијанското издание, кое ќе биде достапно во книжарниците од понеделник, 4 мај, му го подари на Папата отец Џозеф Фарел, сегашен генерален приор на Редот на свети Августин, кој го поттикна објавувањето на книгата.

Со него беа и августинецот отец Роко Ронцани, префект на Ватиканскиот апостолски архив и еден од уредниците на книгата, како и Лоренцо Фацини, уреднички директор на Ватиканската издавачка куќа. Покрај отец Ронцани, книгата ја уредуваа и отец Мигел Анхел Мартин Хуарез и отец Мајкл Ди Грегорио, двајцата августинци.

Книгата ќе биде објавена на повеќе јазици во наредните месеци, а во моментов се преведува во 30 земји низ светот. Како што Ватиканската издавачка куќа веќе најави на Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт во октомври 2025 година, ова издание, кое за првпат ги обединува говорите, проповедите, писмата и пораките на Роберт Франсис Превост, нуди подлабок поглед во духовноста на папата Лав XIV.

Книгата „Слободни под благодатта“ ќе биде претставена во среда, 6 мај, во Рим, во 17:00 часот, во Папскиот патристички институт „Августинијанум“. На претставувањето ќе учествуваат кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар; отец Џозеф Фарел, генерален приор на Редот на свети Августин; Паоло Руфини, префект на Дикастеријата за комуникации; писателката Марија Грација Каландроне; и Андреа Торниели, уреднички директор на Vatican Media.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот