Папата Лав ќе го посети Асизи 40 години по историската молитвена средба за мир

Папата Лав ќе го посети Асизи 40 години по историската молитвена средба за мир

Од 25 до 27 октомври 2026 година, Асизи ќе биде домаќин на меѓурелигиска средба и молитва за мир, по повод 40-годишнината од историската иницијатива започната од свети папа Иван Павле II.

Пред 40 години, на 27 октомври 1986 година, свети папа Иван Павле II учествуваше на историскиот Светски ден на молитва за мир во Асизи, во централна Италија. За првпат во историјата, претставници на светските религии беа поканети од Папата да се соберат и да се молат за мир.

Меѓу оние кои беа вдахновени од таа средба беше и Заедницата Свети Егидиј, католичка лаичка заедница која оттогаш секоја година продолжува да го промовира она што стана познато како „Духот на Асизи“, низ Европа и пошироко.

На овогодишната средба ќе присуствува и папата Лав XIV. „Навистина сме воодушевени од враќањето на Светиот Отец во Асизи“, рече локалниот епископ, монсињор Феличе Акрока. „Цврсто веруваме дека присуството на Папата, заедно со сите други верски водачи, може да го зајакне заедничкиот пат против секој облик на насилство.“

Мировната улога на религијата

Изданието за 2026 година, кое ќе се одржи во Асизи од 25 до 27 октомври и ќе ја одбележи 40-годишнината од првата средба, беше претставено во седиштето на Дикастеријата за комуникации на Светиот Престол.

Настанот го претстави Марко Импаљацо, претседател на Заедницата Свети Егидиј. „Во Асизи“, објасни тој, „се роди нова и креативна перспектива за меѓурелигискиот дијалог. Во текот на изминатите 40 години, тој дух стана неопходност во глобализираниот свет.“

Денес, рече Импаљацо, светот е „многу исплашен, растргнат и заробен од национализам и расизам, свет на кој му е потребно повторно обединување“.

„Но“, продолжи тој, „ако нема духовно обединување на светот, а токму тоа е пораката од Асизи и од сите религии, на луѓето ќе им биде тешко да се обединат и да се доживуваат себеси како ‘браќа и сестри на сите’, како што би рекол папата Фрањо.“

Невооружен и разоружувачки мир

Насловот на Асизи 2026, „Невооружен и разоружувачки мир“, произлегува од зборовите на самиот папа Лав XIV. Средбата ќе потврди дека мирот е можен, исто како што беше пред 40 години со свети папа Иван Павле II и на 30-годишнината во 2016 година со папата Фрањо.

На настанот ќе учествуваат вкупно 384 претставници на религии, култури и институции од 53 земји. На 24 тематски форуми ќе настапат 155 говорници, кои ќе разговараат за мирот, молитвата, економијата, конфликтите, децата и младите, медиумите, миграцијата, разоружувањето, човечноста, христијанското единство, дијалогот во Медитеранот, сиромашните и современите маченици.

Папата ќе престојува во Асизи на последниот ден од средбата, 27 октомври. Тој ќе се моли за мир заедно со христијанската заедница во Долната базилика, за време на посебна молитвена средба за мир, на која тој и патријархот Вартоломеј ќе одржат размислувања.

Потоа, заклучи Импаљацо, на плоштадот пред базиликата „Свети Фрањо“, папата Лав XIV „ќе му ја упати на светот својата порака за мир, која станува сè понеопходна“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот