Папата Лав XIV ги повика верниците да се молат за луѓето што страдаат во земјите во војна, молејќи се особено за Мјанмар, кој е опустошен од граѓанската војна и внатрешни немири.
На крајот од Генералната аудиенција во среда, папата Лав ги упати своите мисли кон оние кои продолжуваат да страдаат во услови на бројните вооружени конфликти во светот.
„Ве повикувам“, рече тој, „да ми се придружите во молитвата за сите кои се искушувани од насилството на војната во различни делови од светот.“
Посебно, папата Лав се помоли за народот на Мјанмар, повикувајќи ја меѓународната заедница „да не го заборави бурманскиот народ и да ја обезбеди потребната хуманитарна помош“.
Молитвите на Папата за Мјанмар доаѓа во време кога земјата продолжува да се соочува со една од најлошите хуманитарни кризи во светот. Речиси пет години откако војската ја презеде власта со државен удар со кој ја собори демократски избраната влада, граѓанскиот конфликт предизвика смрт на илјадници луѓе и раселување на уште три милиони.
Она што започна како масовни протести против државниот удар во 2021 година, се претвори во насилни судири меѓу продемократските сили и етничките вооружени групи против воената хунта.
Цели села се уништени од воздушни напади и борби, додека милиони други немаат пристап до храна, лекови и засолниште. Обединетите нации проценуваат дека повеќе од половина од населението на Мјанмар сега има потреба од хуманитарна помош.
Кризата со Рохинџите
Сепак, тешката ситуација во Мјанмар датира од пред пучот во 2021 година. Цивилната влада соборена од војската се соочи со меѓународна осуда поради справувањето со кризата со Рохинџите, за време на која членовите на муслиманското малцинство беа подложени на екстремно и систематско насилство.
Кога војската на Мјанмар ја започна својата кампања во август 2017 година, таа вклучуваше широко распространети убиства, сексуално насилство, тортура и уништување на цели села. Мисијата на ОН за утврдување факти за Мјанмар ги опиша акциите на војската како извршени со „геноцидна намера“.
До почетокот на 2018 година, повеќе од 700.000 Рохинџи избегаа во соседен Бангладеш, придружувајќи им се на раселените од претходните бранови на прогон. Оние што остануваат во државата Ракхин во Мјанмар продолжуваат да се соочуваат со строги ограничувања на движење, негирање на државјанство и живот во услови слични на апартхејд.
Насилството беше извршено првенствено од истата војска што подоцна ја презеде власта во 2021 година. Сепак, цивилната влада во тоа време не дејствуваше.
Меѓународната заедница ги осуди овие акти, а одговорните генерали се соочија со мала или никаква одговорност.
Само четири години подоцна, во февруари 2021 година, истите генерали – предводени од Мин Аунг Хлаинг – извршија државен удар, соборувајќи ја демократски избраната влада на Аунг Сан Су Ќи. Тие очекуваа брзо да ја консолидираат контролата. Наместо тоа, предизвикаа невиден бран на национален отпор.
Оттогаш, војската ги користи истите брутални тактики што ги примени против Рохинџите, овој пат против сите жители на Мјанмар. Затоа, луѓето од Мјанмар, од секоја етничка припадност и вера, со години доживуваат угнетување, дискриминација и загуба на човечки животи.
Ватикан њуз/к.мк

