Папата Фрањо: Хуманитарните работнички се знак на Божја близина

Папата Фрањо: Хуманитарните работнички се знак на Божја близина

По повод Светскиот хуманитарен ден, папата Фрањо на својот твитер профил на @Pontifex ја истакна големата храброст на хуманитарните работнички присутни во бројни кризни области

На 19 август се сеќаваме на сите храбри жени кои одат да им помогнат на своите браќа и сестри кои имаат проблеми. Секоја од нив е знак на Божја близина и сочувство – напиша папата Фрањо во твитот испратен од неговиот профил @Pontifex по повод Светскиот хуманитарен ден. Денот го одредија Обединетите народи со цел на спомен на хуманитарните работници кои се на служба ширум светот, како и оние што починаа помагајќи им на сиромашните, маргинализираните и ранливите. Оваа година, Светскиот ден на хуманоста е особено посветен на жените кои работат во кризни области низ целиот свет.

Заземање, на прва линија, на хуманитарни работнички

Хуманитарните работнички се на првите редови на повеќе фронтови обележани со повеќе драми – рече генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. Тие им даваат помош на цивилите кои се соочуваат со епидемии. Тие се присутни во земји измачени со војни, како Авганистан, како и во области кои се загрозени од прехранбена несигурност, како што е Сахел. Тие секогаш се со оние кои се во потреба во земјите погодени од конфликт и сиромаштија. Хуманитарните работнички се бројни и ги ризикуваат своите животи да ги спасат другите – рече генералниот секретар на Обединетите нации.

На повеќе од 132 милиони луѓе им е потребна помош и заштита

Конфликтите и понатаму се главна причина за интервенција и давање помош. Според бројките на Обединетите нации за 2019 година, на скоро 132 милиони луѓе, во 42 земји во светот, им е потребна помош и хуманитарна заштита. Една од најтешките кризи е онаа во Јемен. Само во таа земја живеат најмалку 24 милиони луѓе кои имаат потреба од помош. Во Демократска Република Конго, од друга страна, животите на повеќе од 13 милиони луѓе се изложени на ризик заради последиците од бедата во која живеат.

Јужен Судан сѐ уште е погоден од граѓанска војна, a во Авганистан, освен внатрешната миграција владее и хронична прехранбена несигурност. Во Венецуела, политичката криза и економскиот колапс доведоа до раселување на околу три милиони луѓе. Драматична е и ситуацијата во Сирија, Нигерија, Етиопија и Сомалија.

Принципи на хуманитарна помош

Според обичајното право, на хуманитарните работници секогаш треба да им се гарантира пристап во земји во кои имало хуманитарна криза, конфликт или природна непогода, за да можат да обезбедат помош и услуги. Покрај обезбедувањето непосредна реакција на кризите, хуманитарните работници даваат и психосоцијална поддршка за да помогнат во обновувањето на ткивото на сериозно ранетите општества. Светскиот хуманитарен ден се слави на 19 август, во знак на одбележување на денот кога беше нападнато седиштето на Обединетите нации во Ирак во Багдад во 2003 година. Во тој напад животот го загубија 22 лица.

Папата Фрањо: Нека се почитуваат ограничувањата утврдени во хуманитарното право

Папата Фрањо во повеќе наврати ја истакна важноста за давање помош и заштита на ранливите лица. Во пресрет на годишнината од четирите Жeневски конвенции, воведени на 12 август 1949 година, Папата се осврна на драматичните услови во кои жителите на земји измачени со војна беа присилени да живеат. Во попладневното обраќање на 11 август, Папата истакна дека сите се должни да ги почитуваат ограничувањата утврдени во меѓународното хуманитарно право, штитејќи го населението без заштита и цивилна структура, особено болниците, училиштата, местата за богослужба и бегалските кампови.

Достоинството на една личност треба да биде заштитено во секоја прилика

Обраќајќи се на учесниците на Конференцијата за меѓународно хуманитарно право, на 28 октомври 2017 година, Папата се осврна на драмите на народите погодени од војна и изрази желба хуманитарните организации секогаш да дејствуваат во согласност со основните принципи на хуманоста, непристрасноста, неутралноста и независноста. Се надевам дека овие принципи, кои се во сржта на хуманитарното право, ќе ги прифатат совеста на борците и хуманитарните работници за да ги применат во пракса. Меѓутоа, таму каде што, сепак, хуманитарното право е неподготвено и изоставено, нека совеста на секој поединец знае како да ја препознае моралната должност на почитување и заштита на достоинството на човекот во секоја прилика, а особено во ситуации во кои тоа е загрозено – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот