Папата: Исус дава радост, а не богатството
Христијанинот не може да биде жалосен – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 23 мај 2016 година во капелата на домот Света Марта.
Папата истакна дека во животните страдања христијанинот знае да живее и да се надева на Господ, а приврзаноста на материјалните добра на крајот донесува жалост.
Благодарение на Христовото воскресение христијанинот живее во радост и воодушевување. Коментирајќи го Првото Послание на свети апостол Петар, Папата рече дека во животните искушенија не ни се одзема радоста која поттекнува од она што Бог го направил со нас: нè прероди во Христос и ни даде надеж.“
Радоста на Евангелието лична карта на христијаните
Можеме да чекориме кон надежта која првите христијани ја прикажувале како сидро на небото. Ние го држиме јажето и одиме таму кон надежта која ни дава радост. Христијанинот е маж или жена со радост во срцето. Не постои христијанин без радост. Жалосните христијани не се христијани иако велат дека се. На нив им недостасува нешто – рече Папата.
Радоста е лична карта на христијаните; радост на Евангелието, радост затоа што Христос нè избрал за да нè спаси, препороди, радост која се раѓа од надежта дека Исус нè чека, која во животните страдање се покажува како мир затоа што сме сигурни дека Исус е со нас – истакна Папата додавајќи дека христијанинот со довербата во Бог ја умножува таа радост. Бог секогаш се сеќава на својот сојуз, а христијанинот знае дека Бог мисли на него, дека го љуби, придружува и чека, тоа е вистинската радост – рече папата Фрањо.
Богатството на крајот донесува жалост
Осврнувајќи се на делот од литургиското Евангелие кое зборува за Исусовата средба со богатото момче, рече дека богатото момче не можело да го отвори срцето за радоста и дека ја избрал жалоста затоа што поседувал многу добра. Бил приврзан на добрата. Исус ни рече дека не може да се служи на двајца господари; или му служиш на Бог или на богатството. Сами по себи добрата не се зло, но служењето на богатството е зло. Кутриот си заминал жалосен… – рече Папата и додаде:
Кога во нашите парохии, заедници, нашите институции гледаме луѓе кои се нарекуваат христијани, сакаат да бидат христијани, но се жалосни, тогаш нешто не е во ред. На таквите мора да им помогнеме да го најдат Исус, да ја отфрлат жалоста за да можат да се радуваат заради Евангелието, да ја имаат евангелската радост – рече папата Фрањо.
Зборувајќи за радоста и воодушевувањето рече дека воодушевувањето се појавува пред објавата, пред Божјата љубов, пред делувањето на Светиот Дух. Христијанинот е маж или жена на воодушевувањето. Тој збор го среќаваме на крајот од Евангелието кога Исус им објаснува на апостолите дека момчето не можело да го следи затоа што било приврзано на богатството. Апостолите го прашувале: „Кој може тогаш да се спаси?“ На нив пак Исус им одговара: „За луѓето е невозможно, но за Бог е можно!“ – рече Папата.
Да се бара вечната радост
Христијанската радост е „радост на воодушевувањето“ затоа што преку Божјата сила и силата на Светиот Дух сме спасени од приврзаноста на работите, од многу световности кои нè разделуваат од Исус. Да го молиме Бог да ни даде воодушевување за Него, за подарените духовни добра; со воодушевување да ни ја подари животната радост и спокојно да ги поднесуваме тешкотиите; да не сочува од барањето на радоста во работите кои на крајот нè нажалуваат: многу ни ветуваат, а нема да ни дадат ништо. Добро се сеќавајте: христијанинот е маж или жена кој се радува во Господ; маж или жена кои се воодушевени – заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк