Папата им ги изми нозете на 12 затвореници

На Велики Четврток папата Фрањо служеше литургија на Господовата вечера во римскиот затвор Ребибија со што започна пасхалното тродневие. По традиција тој го изврши обредот миење нозе, клекна пред 12 затвореници од различни националности, шест мажи и шест жени, меѓу кои и млада Нигериска жена со дете во рацете.

Папата беше пречекан во дворот на новиот комплекс на затворот со аплауз од страна на 300 затвореници, каде ги поздрави и се прегрна со секој од нив. Папата Фрањо беше придружуван од римскиот кардинал-викар Агостино Валини и монсињор Бечу од ватиканскиот секретаријат.

За време на својата проповед, целосно импровизирана, во капелата „Оче наш“, папата Фрањо потсети на луѓето чиј живот поминува зад решетки, дека љубовта на Исус нема граници: „Божјата љубов е безгранична: секогаш и сѐ повеќе. Бог не се уморува да сака. Нѐ сака сите, дотолку што си го даде животот за нас. За секого со име и презиме. Неговата љубов е таква: лична. Божјата љубов не посрамува, зашто Тој не се уморува да сака и не се уморува да ни простува и да нѐ прегрнува… Тоа е првото нешто што сакам да ви го кажам: Исус нè љуби, секого од нас, до крај“.

Папата го објасни и гестот на Исус со миење на нозете, кој Неговите ученици не го разбраа: „Во тоа време имало обичај при пристигнување во еден дом со валкани нозе од правот да се измијат нозете на влезот. Но, тоа го правеле слугите, а не господарите на домот. Исус ги мие нозете на апостолите, како слуга, и затоа му вели на Петар: „Ти сега не знаеш, а покасно ќе разбереш“. Толку голема е љубовта на Исус, дури станува слуга, за да ни служи за да нѐ исцели и да нè очисти“.

„Денес, на оваа Литургија, според традицијата на Црквата, свештеникот ги мие нозете на дванаесетмина, како сеќавање на Дванаесетте апостоли. Но, во нашето срце треба да имаме доверба дека кога ги мие нозете Господ, мие сѐ, нѐ прочистува, овозможувајќи ни да ја почувствуваме уште еднаш Неговата љубов. Во Библијата има една многу убава реченица на пророкот Исаија: „Може ли една мајка да заборави на својот син? Ако таа мајка го направи тоа, јас никогаш нема да те заборавам“. Таква е љубовта на Бог кон нас“, истакна Папата.

Пред да клечне пред дванаесетте затвореници, за да им ги измие нозете, Папата се обрати кон присутните со зборовите: „Денес ќе ги измијам нозете на дванаесет од вас, но преку овие наши браќа и сестри и на сите вас, на сите. Тие се ваши претставници. Но исто така имам потреба да бидам и јас измиен од Господа и затоа молете се на оваа литургија Господ да ги измие и моите нечистотии, за да бидам поголем слуга од вас и повеќе да им служам на луѓето, како Исус“.

Потоа папата Фрањо клекна, ги бакна, изми и ги избриша нозете на дванаесет затвореници со помош на двајца сослужители: две нигериски жени, една од Конго, две Италијанки, една од Еквадор, еден Бразилец, еден Нигериец и четворица Италијанци.

Пред да замине од капелата, папата Фрањо ги поздрави и ги прегрна затворениците, придружуван со долги аплаузи. Тој е третиот Папа кој го посетил затворот Ребибија откако Иван Павле II, во 1983 го прегрна својот бомбаш Али Агџа, и Бенедикт XVI во 2011.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот