За време на аудиенцијата по повод отворањето на судската година на Судот на Римската рота, папата Фрањо истакна дека е потребен синодален пристап во проверката и расудувањето; никогаш да не недостасува разбирање за лицата кои страдаат од неуспехот на нивниот брачен живот.
Продолжете со обновена верност и трудољубивост на црковната должност во служба на правдата, неразделна од вистината и на крајот за salus animarum (спасение на душите) – рече папата Фрањо во говорот пред прелатите на Римската рота, кои ги прими во четврток 27 јнуари 2022 година по повод отворањето на судската година. Станува збор за работа – додаде тој – која го открива милосрдното лице на Црквата која се наведнува над секој верник за да му помогне за да ја прифати вистината за себе, подигајќи го од поразот и напорот и повикувајќи го да ја живее убавината на Евангелието.
Заедничко одење
Посебно оваа година, која е посветена на семејството, средбата со членовите на Римската рота е можност да се размислува за синодалноста во постапките за ништовност на бракот – рече Папата и посочи дека синодалноста, пред сè, подразбира заедничко одење. Надминувајќи го искривеното гледиште за брачните парници, како во нив да се потврдуваат само субјективните интереси, треба повторно да се открие дека сите учесници во постапката се повикани да ја остварат истата цел, да ја осветлат вистината за конкретниот однос меѓу мажот и жената, заклучувајќи дали постои вистински брак или не.
Поддржете го простувањето и помирувањето меѓу сопружниците
Веќе во предсудската фаза на постапката, кога верниците се наоѓаат во тешкотии и бараат пасторална помош, мора да се направи напор да се открие вистината за нивната врска, што е неопходен предуслов за заздравување на раните – рече Папата. Важна е посветеноста за поттикнување на простување и помирување меѓу сопружниците, како и евентуално да се потврди ништовноста на бракот кога тоа е можно и разборито.
Исто така, се подразбира дека прогласувањето за ништовност не треба да се претставува како единствена цел што може да се постигне во случај на брачна криза, или како право без оглед на фактите. При разгледувањето на можната ништовност, верниците треба да се охрабрат да ги земат предвид причините што ги навеле да бараат поништување на брачната согласност, со што го поддржуваат прифаќањето на конечната пресуда, дури и ако тоа не одговара на нивното уверување.
Заедничко барање на вистината
Ако се почитува ваквото гледање за заедничко одење, постапките за ништожност се израз на ефективна пасторална придружба на верниците во нивните брачни кризи – рече Папата и додаде дека тоа значи слушање на Светиот Дух како зборува во конкретните животи на луѓето. Заедничката потрага по вистината треба да ја одбележи секоја фаза од судскиот процес.
Мора да научиме да слушаме
Нагласувајќи дека спроведувањето на правдата во Црквата е израз на грижа за душите, Папата рече дека тоа бара пасторална грижа за да се биде слуга на спасоносната вистина и милосрдието. Синодалноста во судските постапки подразбира постојана практика на слушање. И во оваа област треба да се научи да се слуша, односно да се разбираат ставовите и причините на другиот, речиси да се идентификуваат со другиот. Како и во другите области на пасторална грижа, културата на слушање, која е предуслов за култура на средба, треба да биде поддржана во судските постапки. Затоа, стандардните одговори на конкретни проблеми на поединци се штетни – истакна Папата и додаде: Секој човек со своето искуство често е обележано со болка, за црковниот судија е конкретна „егзистенцијална периферија“ со која треба да започне секое судско пасторално дејствие.
Законот во служба на вистината
Процесот бара и внимателно слушање на сето она што странките го тврдат и докажуваат. Истрагата насочена кон утврдување на фактите е особено важна, а – како што рече – потребно е време, трпение и пасторално татковство. Судиите треба да бидат вистински слушатели на сè што ќе се појави за време или против постапката. Тие се должни да го сторат тоа врз основа на должноста за правда, поттикнати и поддржани од пасторалното милосрдие – рече Папата, додавајќи дека во таа смисла никогаш не смее да изостане пасторалното срце и духот на милосрдието и разбирањето кон оние кои страдаат од неуспехот на нивниот брачен живот.
Пресуда – резултат на внимателно расудување
Друг аспект на синодалноста во судските постапки е проникливоста. Синодата не бара само мислење, не е испитување. Станува збор за расудување засновано на заедничко одење и слушање, кое овозможува да се согледа специфичната брачна ситуација во светлината на Словото Божјо и учењето на Црквата – објасни папата Фрањо. Крајот на тој потег е пресуда, резултат на внимателно расудување. Со пресудата се затвора постапката, патување, кое како и синодалното, секогаш треба да биде придружувано со слушање и барање на вистината.
Ватикан њуз/к.мк