Во својот втор говор во Лисабон, папата Фрањо размислуваше за конфликтите, неправдите и недостатокот на надеж што го засегаат светот денес, и како Црквата, чие лице е обележано со скандали, е повикана да изнајде нови начини да оди напред, поттикнувајќи надеж за иднината со смело пловење по морето на евангелизацијата и мисиите.
Молејќи Вечерна молитва во манастирот Јеронимос од 16 век во Лисабон, на првиот ден од неговото Апостолско патување во Португалија за Светскиот ден на младите 2023 година, папата Фрањо го охрабри свештенството и монашките заедници да ја навестуваат со обновена енергија спасителната порака на Евангелието во светот каде што има толку многу темнина.
Обраќајќи им се на португалските бискупи, свештеници, ѓакони, посветени лица, семинаристи и пасторално работници собрани во античкиот манастир во среда вечерта, 2 август 2023 година, Папата се осврна на читањата од Вечерната молитва кои зборуваат за Господовата спасителна благодат и како Исус ги променил животите на неговите ученици со внесување на Божјата близина во места и ситуации каде што „луѓето живеат, работат и се надеваат“.
Најдете нови начини да го следите Господа
Признавајќи го заморот што може да ги зафати мажите и жените во Црквата во времиња кои се „погодени од општествените и културните промени и сè повеќе обележани со секуларизмот, рамнодушноста кон Бога и растечкото одвојување од практикување на верата“, Папата ги покани собраните „да му ги принесат на Господа своите борби и солзи“ и со отворени срца да пронајдат нови начини како да Го следат Господа.
Тој умор, рече Светиот Отец, „често е нагласен со разочарување и револт со кои некои луѓе гледаат на Црквата, понекогаш поради нашето лошо сведочење и скандали кои го одбележаа лицето на Црквата и нè повикуваат на понизно и трајно прочистување, почнувајќи од плачот на жртвите, кој секогаш треба да се прифатат и сослушат“.
„Секогаш кога ќе се чувствуваме обесхрабрени, може да се најдеме во искушение да го напуштиме бродот и да се заплеткаме во мрежи на резигнација и песимизам“, нагласи Папата, додавајќи дека Исус е секогаш со нас „среде нашите чувства на осаменост и криза, за да помогне да започнеме одново“.
„Господ“, рече папата Фрањо, „моли да го оживееме нашиот немирен ентузијазам за ширење на Евангелието“. Повторувајќи ја потребата од обновена мисионерска ревност, Светиот Отец ги замоли своите „драги португалски пријатели“ да го напуштат брегот не за да го освојат светот, туку да го направат светот весел, пренесувајќи ја радоста на Евангелието.
„Ова не е време за запирање и откажување, да се извлече коработ на брегот или да гледате наназад. Не смееме да бегаме од сегашноста поради страв, ниту да бараме засолниште во облиците и практиките од минатото. Сега е вистинско благодатно време храбро да запловиме во морето на евангелизацијата и мисијата“, додаде Римскиот бискуп.
Тогаш папата Фрањо истакна три карактеристики кои, како што рече, се вдахновени од Евангелието.
Појдете подлабоко, споделете го патот, евангелизирајте
„Прво“, рече тој, „влегување во длабочина“. За повторно да се фрлат мрежите, објасни Папата, потребно е да се напуштат разочарувањата и инертноста и „од дефетизам да се премине во вера“.
„Вториот избор“, продолжи тој, „е соработката во овозможување пасторална грижа“.
Ова карактеристика му овозможи на Папата уште еднаш да го нагласи своето верување дека Црквата е синодална: „Таа е заедница, взаемна помош и заедничко патување“.
Тоа е и целта на сегашната Синода, појасни Светиот Отец, која во октомври годинава ќе го одржи првото Генерално собрание.
„Во коработ на Црквата мора да има место за сите: сите крстени се повикани во коработ да ги фрлат мрежите, лично да учествуваат во проповедањето на Евангелието“.
Признавајќи дека тоа е „голем предизвик“, рече дека тоа е нешто што треба да се направи „без световност, но не и без светот“.
„Во Црквата си помагаме едни на други, се поддржуваме и се чувствуваме повикани да ја шириме атмосферата на конструктивно братство надвор од сопствените ѕидови“, нагласи Римскиот бискуп.
„Третиот избор“, рече Петровиот наследник, е неопходноста да станеме рибари.
Истакнувајќи дека во денешното општество има многу темнина, папата Фрањо изрази жалење поради фактот што „се чини дека го изгубивме чувството за ентузијазам, храброста да сонуваме, силата да се соочиме со предизвиците и да бидеме сигурни во иднината што ни претстои“.
Тој го опиша текот на човештвото како кораб што плови „среде сомнежи и економска несигурност, осиромашување на општественото пријателство и недостаток на надеж“.
„Како Црква, ни е доверена задачата да испловиме во водите на тоа море и да ги фрлиме мрежите на Евангелието, не покажувајќи со прсти, туку на мажите и жените на нашето време да им донесеме можност за нов живот, Исусовиот живот“, истакна папата Фрањо.
Отвореноста на Евангелието внесете ја во денешното мултикултурно општество
Повикани сме да ја донесеме отвореноста на Евангелието во мултикултурното општество; да ја доведеме близината на Отецот во ситуациите на растечка неизвесност и сиромаштија, посебно кај младите. Да се однесе насекаде Христовата љубов каде што семејствата се кревки и врските ранети. Да се пренесе радоста на Духот каде што владее обесхрабрувањето и фатализмот“ – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк