Папата до преставниците на власта
Дијалог, градење на култура на средба и искрени и братски односи како „благородна и хармонична химна“ наспроти „фанатичниот крик на омраза“ – истакна Папата во говорот до претставниците на власта во Босна и Херцеговина во Сараево на 6 јуни 2015 година
Дијалог, градење на култура на средба и искрени и братски односи како „благородна и хармонична химна“ наспроти „фанатичниот крик на омраза“ – истакна Папата во говорот до претставниците на власта во Босна и Херцеговина. Папата рече дека доаѓа како ходочасник на мирот во градот во кој „со право го доби називот европски Ерусалим“ заради близината на синагогите, црквите и џамиите. Тоа, како што рече бара секогаш одново да се градат нови мостови и да го обновува и чува постоечкото, за да се обезбедат цивилизирани односи.
„Потребен ни е разговор, откривање на богатството на секој од нас, вреднување на она што нè обединува“ – нагласи Папата. Зборувајќи за напредокот постигнат со посетата на свети Иван Павле II непосредно по потпишувањето на Дејтонскиот договор, рече дека не треба да се задоволуваме со постигнатото, туку да направиме понатамошни чекори во зацврстувањето на меѓусебната доверба и почитување.
Папата рече дека слогата и мирот помеѓу Хрватите, Србите и Бошњаците како и срдечните односи помеѓу муслиманите, евреите, христијаните и другите верници имаат важност која „достигнува далеку надвор од границите на Босна и Херцеговина“ и затоа е „сведоштво за целиот свет.“ Денес видов надеж во децата кои ги поздравив на аеродромот. Муслимани, православни, евреи, католици и други малцинства – сите заедно, радосни! Тоа е надеж. Да вложуваме во тоа – додаде Светиот Отец.
Сите би требало да ги препознаеме нашите темелни човечки вредности, за успешно да се спротивставиме на дивјаштвото на оние кои од секоја различност би сакале да создадат можност за насилство. Во името на овие вредности може и мора да се соработува, гради и разговара, да се простува и со нив да се расте. Тие исто така овозможуваат хармонија на различните гласови за да се обликува благородна и хармонична химна наспроти фанатичниот крик на омразата – рече Папата.
Задачата на политичарите е чување на основните човекови права меѓу кои посебно место има верската слобода. Освен тоа, потребна е еднаквост на сите граѓани пред законот, „посебно во неговото спроведување, без оглед на нивната етничка, верска или географска припадност“ – нагласи папата Фрањо, изразувајќи надеж дека „по студената зима“ во Босна и Херцеговина „ќе процвета пролет“. „Мир вам!“ – рече на хрватски Светиот Отец на крајот од средбата.
РВ/Д.И.