Папата до младите: Заштитувајте го семејството

Корупцијата која ја уништува личноста, радикализмот кој ги примамува невработените, племенското ривалство кое раѓа непријателство меѓу припадниците на ист народ – за тие теми говореше папата Фрањо во петок 27 моември 2015 година на средбата со младите во Најроби.

Светиот Отец како вообичаено на страна го остави својот подготвен говор и спонтано одговараше на прашањата кои му ги поставуваа младите.

Племенското ривалство – рече Светиот Отец – значи да имаш раце за грб со камења подготвен да ги фрлаш на другите. Она што победува е испружената рака и соживотот со почит. Трибализмот се победува единствено со слушање. А потоа се отвора срцето и се пружа рака за да се продолжи со дијалог. Ако не разговарате и не се слушате, тогаш секогаш ќе бидете во племенско ривалство кое е како црв кој го голта општеството – рече папата Фрањо.

Корумпиран човек не живее во мир – рече папата напоменувајќи дека не се работи само за политиката, туку за сите институции, вклучувајќи го и Ватикан. Корупцијата е како шеќер: слатка, ни се допаѓа, а потоа ни штети и завршуваме како дијабетичари. Секој пат кога примаме мито го уништуваме своето срце, личноста и својата татковина. Корупцијата не е пат во живот, туку пат до смрт – ги предупреди Папата младите.

Говорејќи пак за влегувањето на младите во радикалните групи кои ги претвораат во убијци истакна дека тоа треба да се избегне давајќи им на младите образование и работа. Опасноста лежи во недостатокот на вработување и образование, а тоа зависи од неправедниот меѓународен систем кој „во центарот на економијата го нема човекот, туку богот пари.“

Едено момче го праша како да го спознае Божјото присуство во трагедиите во животот. Папата како одговор ја извади бројаницата од џебот и објасни дека таа е „историјата на Божјиот неуспех“, мислејќи со тоа на постојките од Крстниот пат. Само еден е патот, а тој е да се гледа во Синот Божји Кој се направи „трагедија“ и даде да се уништи на крстот. Во тоа е и предизвикот на нашата вера, во надежта. Приказната не завршила со тој неуспех; следува воскресение кое сè обновило – рече папата Фрањо.

Заштитувајте го семејството! Не само каде што има напуштени деца, туку и каде што се напуштени старите луѓе кој никој не ги посетува. Ако другите немале разбирање кон вас, имајте вие разбирање кон другите; ако вие не сте примиле љубов, љубете ги другите; ако вие сте ја почувствувале болката на осаменоста приближете се на оние кои се сами. Човекот е лек за човекот. А Бог стана човек за нас да нè излекува. Да постапуваме така и ние кон другите – поттикна Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот