Папата до мафијашите: Престанете да правите зло, преобратете се!

Папата Фрањо на средбата во спомен на жртвите на организиран криминал во Рим упати повик до мажи и жени на мафии да го „променат животот, да престанат да прават зло и да се преобратат.“

Папата во една црква во Рим, близу Ватикан ги критикува „власта, парите кои денес доаѓаат од толку мафијашки злосторства и валкани работи.“

„Се работи за крвави пари, крвава власт. Таа крвава власт нема да може да ги понесе со себе. Уште има време да не завршите во пеколот кој ве чека ако продолжите по досегашниот пат“, им порача Папата.

Таа многу силна порака на папата Фрањо потсетува на крикот на Иван Павле II во Агригенте на Сицилија 1993 година кога побара од мафијашите да се преобратат.

Во текот на средбата која е организирана од антимафијашко католичко здружение Либера, пред Папата се прочитани 842 имиња на жртви од мафии, меѓу кои 80 деца.

Папата Фрањо го изрази своето сочувство и солидарност со 700-те луѓе кои изгубиле членови на своите семејства поради мафијата. Посебно им заблагодари на нивното сведоштво и храброст да го споделат со другите своето страдање и надеж дека корупцијата еднаш ќе се запре.

„А вие, жени и мажи од мафиите, ве молам, променете ги своите животи, преобратете се, престанете да правите зло. Ние молиме за вас. Јас го молам тоа од вас на колена. Тоа е за ваше добро. Животот кој го водите на другите им прави лошо, а ниту вие нема да бидете среќни… И вие имате мајка и татко, мислете на нив, изразете жалење и преобратете се“, повика Светиот Отец.

Лаудато/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот