Папата до Малтешкиот ред: Напредувајте во мисијата, останувајќи верни на Христа

Папата до Малтешкиот ред: Напредувајте во мисијата, останувајќи верни на Христа

На 30 јануари 2023 година, папата Фрањо ги прими членовите на Суверенииот витешки ред на Малта на крајот од нивното Генерално собрание и по изборот на новите членови на високите функции ги охрабри да продолжат со нивното послание, останувајќи верни на Христа.

Обраќајќи им се во Ватикан на членовите на Суверениот малтешки витешки ред на крајот на нивното Генерално собрание, папата Фрањо ги поздрави новите високи офицери и членови на Советот кои беа избрани на собранието.

Оттука со нов поттик ја продолжувате вашата посветеност на „tuitio fidei“ и „obsequium pauperum“ во одбрана на верата и помагање на сиромашните, давајќи го бесплатно она што бесплатно го примивте, сведочејќи дека го следите Христос во служба на сиромашните и болните. Тоа е патот кој ја исполнува душата, рече Папата.

Прашањето за повторно воспоставување

Папата Фрањо истакна дека како одговор на неговиот повик и она што е утврдено во Уставната повелба и Мелитеншкиот законик, се осврна на прашањето за повторно воспоставување, според првобитното вдахновение, на живот во заедница и целосно почитување на свечениот завет на сиромаштво. Папата изрази благодарност за одлуката повторно да се отвори новицијатот.

За да се одржат во живот толку многу заслужни дела, продолжи Папата, неопходно е да се молиме на Господа да испрати добри работници, подигајќи звања во секој сталеж, посебно со монашки завет, кој целосно го живее и го изразува повикот на свети Иван.

Светиот Отец потоа накратко зборуваше за поимите што го карактеризираат Редот.

Сувереност

Почнувајќи со поимот сувереност, папата Фрањо истакна дека Редот има многу уникатна сувереност, која опстојува низ вековите и потврден со волјата на Папата. Сувереноста, под меѓународна дипломатска правна заштита, ви овозможува да вршите великодушни и големи дела на солидарност, приближувајќи се до оние на кои тоа им е најпотребно.

Одбрана

Папата Фрањо потоа зборуваше за зборот војска. За одбрана на ходочасниците и светите места, како и на христијанството, вашиот Ред испиша славни страници. Овие дела сега отстапуваат место на меѓурелигискиот дијалог. И покрај тоа, верата во Христа и неговото наследување ве обврзува да сведочите за Евангелието и да се борите против сé што му се спротивставува, објасни Светиот Отец.

Грижа

На крајот, Папата зборуваше за концептот на зборот болничар.

Редот потекнува од службата што блажениот Жерар им ја понуди на ходочасниците во Ерусалим, во болницата именувана по Свети Иван Крстител, кој подоцна стана ваш патрон, рече Папата.

Тој истакна дека таму Жерар, со првите браќа, примил ходочасници и сиромашни, обезбедувајќи им ја потребната медицинска нега, а тоа денес се гледа од мноштвото ваши дела, додаде Петровиот наследник.

Грижејќи се за болните, знаете кај секој од нив како да го препознаете страдалното Христово лице, без разлика на нивното потекло, националност или верска припадност, објасни Папата.

Завршувајќи го своето обраќање, папата Фрањо истакна дека присутните членови напишале многу важна страница во историјата на Малтешкиот ред и дека можат да се гордеат со тоа .

На крајот, римскиот бискуп ги охрабри сите присутни да останат верни на Христа и да одат напред, пренесувајќи ја Неговата порака во светот за исцелување на болните и утеха на сиромашните.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот