Папата до Евреите и христијаните: Учете се на братство за да не преовладее омразата

Папата до Евреите и христијаните: Учете се на братство за да не преовладее омразата

За време на средбата во Музејот на ликовни уметности во Будимпешта со претставниците на Екуменскиот совет на Црквите и со некои еврејски заедници во Унгарија во неделата на 12 септември папата Фрањо рече дека „Бог на татковците секогаш отвора нови патишта“: „како што пустината ја претвори во пат кон Ветената земја, така нас сака да нѐ одведе од сувите пустини на омразата и рамнодушноста во посакуваната татковина на заедништвото.“

Во својот говор Папата говореше за „патот на заедништвото“ на екуменизмот. Екуменизмот е патување „понекогаш макотрпно, во минатото заморно.“ Било кога сме биле во искушение да го апсорбираме другиот не се градело мост меѓу нас, туку едни на други сме се уништувале; истото важи и кога сме сакале да го гетоизираме, а не да го интегрираме. Колку пати во историјата тоа се случило! Мораме будно да внимаваме и да се молиме тоа да не се повтори. И да се залагаме за заедничко промовирање на воспитание за братство, за изливите на омраза кои сакаат да го уништат да не преовладаат. Тука мислам на заканите на антисемитизмот, кои сѐ уште демнат во Европа и на друго место. Тој жар што тлее мора да се изгасне. Но, најдобриот начин тоа да се ублажи е заедничка позитивна работа, промовирање на братството, рече Светиот Отец во својот говор на средбата со претставниците на Екуменскиот совет на Цркви и еврејските заедници.

Мостот, рече Папата поврзува два брега. Бог на сојузот бара од нас да не попуштаме на логиката на изолација и секојдневните интереси. Не сака сојузи со едни на штета на други, туку луѓе и заедници кои се мостови на заедништво со сите. Во ова земја вие кои го претставувате мнозинството на религиите, имате задача да создавате услови верската слобода да се почитува и да се промовира за сите. Зборовите кои течат од устите на Божјите луѓе, секогаш мора да бидат пораки на отвореност и мир. Во светот растргнат од конфликти, тоа е најдоброто сведоштво кое мора да го дадат оние кои ја примиле милост да го запознаат Бог на сојузот и мирот, рече Папата.

Бог на татковците секогаш создава нови патишта: како што пустината ја претвори во пат кон ветената земја , така сака да нѐ одведе од сувите пустини на омразата и рамнодушноста во саканата татковна на заедништвото… Од нас се бара да ги оставиме зад себе недоразбирањата од минатото, тврдењето дека сме во право, а другите во криво, за заедно да чекориме кон неговата ветена земја на мирот затоа што Бог секогаш има планови на мирот, никогаш несреќа, истакна Светиот Отец.

Ика/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот