Папата доби поклонички ранец за Светскиот ден на млади
Ватикан, 25.5.2013 /к.мк/ – Папата Фрањо се подготвува за Светскиот ден на млади во Рио де Жанеиро. Два месеца пред големата средба архиепископот на бразилскиот град – домаќин Орани Жоао Темпеста во петок 24 мај во Ватикан му го предаде на Светиот Отец првиот поклонички пакет. Во него, покрај другото има ранец, маица, капа, шише и поклонички водич. Пакет ќе добие секој пријавен учесник на средбата. Светскиот ден на млади ќе се одржи од 23 до 28 јули во Рио де Жанеиро. По тој повод папата Фрањо ќе појде на своето прво меѓународно патување. Организаторите очекуваат на средбата да присуствуваат околу два милиона учесници, додека за завршната Литургија со Папата се предвидува да присуствуваат околу 4 милиони верници. Архиепископот Темпеста после приватната аудиенција кај Папата изјави за Радио Ватикан дека го информирал Светиот Отец за подготовките на средбата. Моментално се уредува просторот Гваратиба на кој Папата ќе ја слави завршната света Литургија. И понатаму од сите делови на светот пристигнуваат нови барања за учество на Светскиот ден на млади. (Б.У.)