Папата: Да не дозволиме Бог да помине покрај нас

Папата Фрањо ги поттикна верниците да „отфрлат сè што нè спречува да итаме“ кон Бог, сè што ни пречи да стоиме пред Него и Тој „да ни прости и одново да нè создаде.“ Во проповедта на покорничка Литургија на 4 март во базиликата Свети Петар по повод иницијативата „24часа за Господ“.

Папата предупреди дека слепилото на духот ни оневозможува да гледаме добро, искушението ни ги замаглува очите и нè прави кратковиди.

Иницијативата 24 часовно обожавање со можност за Исповед е организирана во црквите во цел Рим, но и во целиот свет. Папата Фрањо беше меѓу луѓето кои пристапија на светата Тајна Помирување и самиот исповеди неколку верници.

Гревот лишува од радоста и слободата

Во хомилијата на покорничката Литургија рече дека гревот нè „осиромашува и изолира“ и ни оневозможува да го видиме она што е најважно во животот. Тоа слепило – како што рече – малку по малку нè води до тоа да се задржуваме само на површното, сè додека не станеме рамнодушни кон другите и кон доброто.

Меѓутоа погрешно е да веруваме дека животот зависи само од она што се има, од успехот или восхитот, како што е погрешно – продолжи Папата – економијата да прави само заработка и потрошувачка; поединечните аспирации да преовладуваат над општествената одговорност. Гледајќи само на сопственото јас, стануваме слепи, истрошени, лишени од радоста и слободата – рече Светиот Отец.

„Да не дозволиме Господ да помине покрај нас“

Исусовото присуство ни дава да разбереме дали ни „недостасува нешто важно“ и нè повикува да не останеме затворени во сопственото слепило. Тој ни дава да ја „почувствуваме потребата за спасение“ што е „почеток на лекувањето на срцето“ – објасни Папата. Поврзувајќи го тоа со евангелскиот извештај за слепиот кој во мноштвото викал по Исус, Светиот Отец напомена дека секогаш постои некој кој не сака да запре, кој не сака да го вознемирува нечиј болен крик, замолчувајќи и опоменувајќи го сиромавиот кој му пречи.

Тоа е искушението да се „оди напред како ништо да не се случува“ останувајќи одделен од Господ, а разделувајќи ги од Него и другите. Да препознаеме дека сите сме просјаци за Божјата љубов и да не дозволиме Господ да помине покрај нас – рече папата Фрањо, поттикнувајќи да го отфрлиме она што нè спречува да поитаме кон Господ, не плашејќи да ја оставиме сопствената сигурност и она на што сме наврзани.

Пастирите не смеат да ја попречуваат желбата за помирување

Денес – посебно пастирите – повеќе од било кога сме повикани да го слушнеме крикот, можеби прикриен на оние кои сакаат да се сретнат со Господ. Треба – рече Папата – да го испитаме однесувањата кои понекогаш не помагаат на другите да се приближат до Исус; програмите кои не одговараат на вистинските потреби на оние кои би можеле да се приближат до исповедилницата; човечките правила ако важат повеќе од желбата за прошка; нашата крутост која би можела да одделува од Божјата нежност. Не смеат да се намалуваат барањата на Евангелието“ – предупреди Папата – но не можеме да ризикуваме „да ја спречиме желбата на грешникот да се помири со Отецот.“

Повикани сме да водиме до Исус, а нашето послание е да ги придружуваме луѓето лично да го сретнат Господ и искрено да го отворат срцето за Спасителот – рече Папата. Потсети дека пастирите се избрани за да ја поттикнуваат желбата за преобраќање и да бидат средства кои ја олеснуваат средбата со Господ, а во разрешувањето на гревовите неговото милосрдие да го прават видливо. Нека секој во исповедилницата го пронајде Отецот кој го чека и кој му простува – посака на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот