Папата: Да го победиме искушението на религија-спектакл

Папата: Да го победиме искушението на религија-спектакл

Мораме да го победиме искушението на религијата-спектакл која секогаш бара нови објави, таа е како огномет – рече папата Фрањо, додавајќи дека Божјото царство расте ако во секојдневниот живот ја чуваме надежта.

Во денешното Евангелие Исус им одговара на фарисеите кои љубопитно го прашувале кога „ќе дојде Божјото царство.“ Веќе е дојдено и меѓу вас е – одговорил Исус. Царството е како посеано мало семе и самото расте со текот на времето. Бог прави тоа да расте, но не привлекува внимание – објасни Папата.

Божјото царство не е религија на спектакл, кога секогаш бараме новости, објави, пораки… Бог зборува во Исус; тоа е последното Божјо Слово. Другото е како огномет кое те осветлува на момент, а што останува од тоа? Ништо. Нема растење, нема светлина, нема ништо: момент. Религијата на спектакл често нѐ искушува да бараме работи кои немаат врска со објавата, со благоста на Божјото царство, кое е меѓу нас и расте – reöe Папата и продолжи:

А тоа не е надеж, туку желба нешто да се има во рацете. Нашето спасение е во надежта, а таа надеж ја има мажот кој сее семе или жена која подготвува леб мешајќи го квасецот и брашното: растечка надеж. Напротив вештачкиот сјај е моментален, веднаш престанува како огнометот. Не служи да го осветлува домот. Спектакл е – reöe папата Фрањо.

А што треба да правиме додека ја исчекуваме полнотата на Божјото царство? – праша Папата одговарајќи: Мораме да чуваме. Трпеливо да чуваме. Трпеливост во работата, во страдањето… да чуваме како човек кој го засадил семето и внимава околу него да не има зли треви, билката да расте. Треба да ја чуваме надежта – истакна папата Фрањо.

А денес ве прашувам: ако царството Божјо е меѓу нас, ако сите во себе го имаме тоа семе, го имаме Светиот Дух како да го чувам? Како расудувам, како знам доброто семе на билката да го одделам од каколот. Царството Божјо расте, а ние што мораме да правиме? Да го чуваме. Да расте во надеж, да ја чуваме надежта. Затоа што во надежта сме спасени. Ова е нишката: надежта е нишката на историјата на спасението. Надежта дека некогаш ќе се сретнеме со Господ – рече Папата.

Царството Божјо е посилно во надежта – додаде тој. Да се запрашаме: Имам ли надеж? Или одам напред, одам како што можам и не знам да го одделам доброто од злото, житото од каколот, благата светлина на Светиот Дух од сјајот на вештачките работи. Да се преиспитаме за надежта во семето кое расте во нас, како ја чуваме таа надеж? Божјото царство е меѓу нас, а ние со одморот, работата и расудувањето треба да ја чуваме надежта за Божјото царство кое расте сѐ до моментот кога Господ ќе дојде и кога сѐ ќе биде преобразено. Сѐ во еден момент. Светот, ние, сѐ. Како што свети Павле им вели на христијаните во Солун во тој момент сите ќе бидеме со Него – заврши Папата.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот