Божиќниот пост е време за помирување и подготовка за доаѓањето на Кнезот на мирот.
Потребно е да се подготвиме за Божиќ обидувајќи се изградиме мир во сопствената душа, во семејството и во светот – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 4 декември 2018 година и нагласи: Да градиш мир значи да го имитираш Бог така што ќе сме понизни, да не озборуваме и да не ги рануваме другите.
Во првото читање за денешната Литургија, пророкот Исаија ни зборува за ветувањето, за тоа какви ќе бидат времињата кога ќе дојде Господ: Господ ќе воспостави мир и сè ќе биде во мир – рече Папата. Исаија тоа го опишува со пастирски, но прекрасни слики: „Волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води.“ Тоа значи дека Исус донесува мир кој може да го преобрази животот и историјата и заради тоа се нарекува „Кнез на мирот“, затоа што доаѓа за да ни го дарува тој мир.
Времето на Божиќниот пост е време за подготвка за доаѓањето на Кнезот на мирот – рече Светиот Отец и продолжи: Тоа е време за помирување. Се работи за помирување пред сè со самиот себе; потребно е да се воспостави мирот во својата душа. Често не сме во мир, туку во вознемиреност, мака и безнадежност. Господ ни го упатува прашањето: Како е во твојата душа денес? Дали е во мир? Ако не е – поттикна Папата – да Го молиме Кнезот на мирот да воспостави во неа мир за да се подготвиме за средбата со Него. Навикнати сме да ги гледаме туѓите души, но да ја погледнеме својата душа.
Потоа е потребно да донесеме мир во домот и семејството – рече папата Фрањо и напомена: Понекогаш има многу тага, борби, мали војни, а понекогаш и несогласувања во семејствата; затоа е потребно да се запрашаме дали сопственото семејство ни е во мир или во војна, дали сме едни против други, владее ли во него неединството, дали има мостови или ѕидови кои нè делат? Во светот има повеќе војни отколку мир, многу нееднинство, омраза и искористување. Што можеме да направиме за мирот во светот?
Некој ќе лаже: Но, Оче светот е премногу далеку – рече Папата и додаде: Но, прашањето оди понатаму: Што правиме за да придонесеме за мир во населбата, во училиштето, на работа? Дали бараме секогаш некој изговор за да влеземе во војна, за да мразиме и ги озборуваме другите? Тоа значи да водиме војна! Дали сме понизни? Дали се обидуваме да градиме мостови? Дали осудуваме? Да ги прашаме и децата: Што правите во училиштето кога имате некој соученик или соученичка кој не ти се допаѓа, можеби помалку ти е непријатен или послаб од тебе? Дали го малтретираш или градиш мир?
Се обидувате ли да барате мир? Дали простувате сè? – праша Светиот Отец и нагласи: Треба да бидеме „занаетчии“ на мирот. Потребно ни е тоа во оваа време на Божиќниот пост како подготовка за доаѓањето Господово Кој е Кнез на мирот. Мирот секогаш напредува, никогаш не запира, плоден е, започнува во душата и се враќа во душата откако го поминува патот на помирувањето. Да градиш мир значи да го имитираш Бог Кој се помири со нас и ни прости, и ни го испрати Својот Син за да ни донесе мир и да биде Кнез на мирот.
Некој би можел да каже: Но, Оче не сум учел како се вопоставува мир, не сум образован, млад сум… – рече папата Фрањо и потсети: Исус во Евангелието за денешната Литургија ни кажува какво мора да биде нашето однесување: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите.“ Не сте студирале, не сте мудри… Бидете тогаш мали, понизни и слуги на другите. Бидете мали и Господ ќе ви ја даде способноста да можете да разберете како се воспоставува мирот, и силата за да го правите.
Молитвата за време на Божиќниот пост мора да биде таа која помирува, која помага да се живее во мир во својата душа, во семејството и во околината во која живееме – рече Светиот Отец и предупреди: Секој пат кога гледаме дека би можело да се создаде некоја мала војна дома, во нашето срце, во училиштето или на работа, потребно е да застанеме и да се обидеме да воспоставиме мир. Никогаш да не го раниме другиот.
Некој би можел да праша: Оче, како можеме да тргнеме од почеток и да не ги рануваме другите? – рече Папата и одговори: Не ги озборувајте другите, не пукајте од прва. Кога сите ние би го правиле само тоа и кога не би ги озборувале другите, мирот уште повеќе би напредувал. Нека Господ ни го подготви срцето за Рождеството на Кнезот на мирот. Но, нека нè подготви така што ќе учествуваме во сè за да го направиме својот дел за да го вопоставиме мирот во своето срце, душата, семејството, училиштето, соседството и работата. Треба да бидеме луѓе на мирот – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк