Радоста треба да се бара не како некоја изворедна последица, туку како составен дел на евангелската порака – истакна папата Фрањо во говорот на 36 генерална конгрегација на Дружбата Исусова.
Папата кој беше поздравен од новиот поглавар на исусовците Артуро Соса Абаскал се задржа со Исусовците и во приватна средба.
Нека делувањето на Исусовците биде еклезијално, инкултурирано, сиромашно, услужно и слободно од било какви световни амбиции – е желбата на папата Фрањо која ја изрази пред браќата. Размислувајќи за заедничкото одење на перифериите на кои – како што кажа – другите не стигнуваат. Светиот Отец потсети дека задачата на Дружбата Исусова е да го утешува верниот народ и да му помага во расудувањето и непријателот на човечката природа да не ја киднапира радоста на евангелизирањето, радоста на семејството, Црквата, создаденото, (…) и да не се заменува со безвредни радости, кои секогаш се на дофат во било која продавница – рече Папата.
Од друга страна пак – продолжи папата Фрањо – радоста е составен дел на евангелската порака. Радосната вест не може да се пренесува со тажно лице. Радоста не е некој украсен додаток, туку е јасен показател на милостите. Покажува дека љубовта е активна, делотворна, присутна. Затоа барањето на радоста не треба да се меша со барањето на некоја посебна последица која нашето време знае да ја произведе заради потрошувачките потреби, туку се бара во нејзиниот егзистенцијален показател, а тоа е трајноста. Како што поучува свети Игнациј во своите Духовни вежби токму радоста на навестувањето на Евангелието преку проповедање на верата и примената праведност и милосрдие ја води Дружбата до излегување кон сите периферии – истакна Папата.
Исусовецот е служител на радоста на Евангелието – додаде – и тоа кога разговара и води духовни вежби само за еден човек, помагајќи му да го запознае она внатрешното место од кое доаѓа силата на Духот која го води, ослободува и обновува; како и кога организира воспитни активности, дела на милосрдието, размислувања. Затоа Папата ги поттикна своите браќа посебно во овој Јубилеј на милосрдието кој веќе е при крај да препуштат да ги трогне Господ распнат на крстот, присутен во голем број наши браќа кои трпат во поголемиот дел од човештвото.
Милосрдието не е апстрактен збор, туку стил на живот кој пред зборовите ги става конкретните гестови кои го допираат телото на ближниот и се претвораат во милосрдни дела. Господ нѐ испраќа тоа милосрдие да го донесеме до најсиромашните, до грешниците, отфрлените и оние кои денешниот свет ги распнал, кои трпат неправда и насилство – рече папата Фрањо на своите браќа и напомена дека само ако ја искусат таа сила која оздравува на сопствените рани како поединци и како тело односно заедница ќе исчезне нашиот страв од трогнувањето пред неизмерното трпење на нашите браќа и трпеливо ќе се упатиме во одење со народот учејќи од него на најдобар начин како да му помогнеме и да му служиме. (…)
Исусовците не одат сами ниту во удобност; одат заедно со целиот верен Божји народ, настојувајќи да им помогнат на другите. Само така Дружбата може да има лице, акцент и начин за да биде од сите народи и култури и користа нема да биде само „поединечна“, туку заедничка и во сите работи – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк