Папата денес, во Апостолската палата, ги прими учесниците на Студискиот состанок посветен на Божјиот слуга кардинал Рафаел Мери дел Вал, кој служел на различни должности во ватиканската дипломатија и бил избран од папата Пиј X за државен секретар. Неговиот пример покажува дека секој кој служи во Црквата дозволува да се слушне Христовиот глас и ја сведочи вистината Христова.
„Вистински дипломат на средба“ – со овие зборови папата Лав XIII го опиша Рафаел Мери дел Вал, Божји слуга кој живеел меѓу XIX и XX век, започнувајќи ја својата дипломатска служба на многу млада возраст, кога бил повикан од Лав XIII да се зафати со чувствителни прашања. Подоцна, во 1903 година, Пиј X го именувал за кардинал на само 38 години и го избрал за свој државен секретар – потсети Светиот Отец. Примајќи ги на аудиенција, на 13 октомври 2025 година, учесниците на студискиот состанок посветен на кардиналот Мери дел Вал, Папата, зборувајќи на шпански јазик, ги истакна неговите квалитети и нагласи дека младоста не била пречка за службата што му била доверена, бидејќи историјата на Црквата сведочи дека зрелоста не зависи од возраста, туку од длабокото сообразување со Христовата полнота.
Литанија на понизноста
Мери дел Вал не бил само дипломат зад своето биро – истакна папата Лав XIII – туку и пастир близок до народот, кој го сметал за татко и пријател. Во Рим, бил присутен меѓу децата и младите од квартот Трастевере, кои ги катехизирал, ги исповедал и ги придружувал со љубов – забележа Папата. Споменувајќи ја Литанијата на понизноста што самиот кардинал ја составил, Светиот Отец нагласи дека таа открива со каков дух ја извршувал својата служба, и дека претставува вреден пример за сите кои имаат одговорност во Црквата и во светот, особено за дипломатите на Светиот Престол.
„Од желбата за пофалба… избави ме, Господи!“ – Желбата за признание е постојано искушение за оние кои имаат власт или служба. Кардиналот Мери дел Вал го знаел тоа многу добро, бидејќи неговите должности го ставале во центарот на вниманието. Сепак, во молитвата барал да се ослободи од човечкиот аплауз. Знаел дека вистинскиот триумф е во тоа секој ден да може да рече: „Господи, јас сум таму каде што Ти сакаш да бидам, правејќи го она што Ти ми го доверуваш денес.“ Во таа понизна верност, невидлива за светот, се раѓа плодот кој трае.
Христовата вистина
Литанијата „Од желбата да бидам советуван… избави ме, Господи!“ потсетува на значајните должности што ги имал кардиналот, кој можел да се почувствува незаменлив. Но, од него учиме дека мисијата на дипломатот е да ја остварува Божјата волја преку службата на Петар, ослободен од лични интереси.
Оној што служи во Црквата дозволува Христовиот глас да говори преку него и така ја сведочи вистината Христова. Во ова самоодрекување тој го пронашол духот на слободата на вистинскиот слуга.
Слобода за служење
По смртта на Пиј X, кардиналот Мери дел Вал продолжил да му служи на Светиот Престол со истата верност и понизност. Сфаќал дека секоја служба во Црквата е драгоцена кога се живее за Христос, и со тоа го посведочил својот пат на осветување – нагласи Папата.
Вистинскиот авторитет се темели на слободата да се служи, дури и кога тоа не се гледа. Оној кој е ослободен од желбата за видливост се приближува кон Бога.
Секој кој живее во заедништво со Исус, раѓа духовен плод.
Кардиналот ја живеел својата мисија во дух на верност кон Евангелието и со внатрешна слобода. Тој не се раководел од желбата да се допадне, туку од вистината што секогаш произлегува од љубовта. Плодотворноста на христијанскиот живот не зависи од човечкото одобрување, туку од постојаноста на оние кои, соединети со Христос како лоза со прачката, носат плод во свое време.
Потеклото на кардиналот Мери дел Вал
Во својот говор, Папата Лав XIV се осврна и на неговото потекло. Роден во Лондон на 10 октомври 1865 година, син на шпански дипломат и мајка која зборувала англиски, Мери дел Вал имал космополитско детство и пораснал во дух на универзалност, што подоцна ја препознал како повик на Црквата. Сето тоа го подготвило за верна служба во ватиканската дипломатија во време на големи предизвици – рече Папата. Како поранешен студент на Папската црковна академија, чиј претседател подоцна бил, тој сфатил и со својот пример покажал дека црковната дипломатија расцутува кога се живее во верност на свештеничкото послание.
Логиката на Евангелието: единство и заедништво
Папата го сумираше животот на Мери дел Вал со неговото епископско мото Da mihi animas, cetera tolle („Дај ми души, земи ми сè друго“), кое го сакал како единствен натпис на својот гроб во криптата на базиликата Свети Петар. Во него се содржи и последната молитва од Литанијата на понизноста: „Нека другите бидат посвети од мене, под услов и јас да станам посвет.“
Тука се открива суштината на христијанскиот живот: светоста се мери со заедништво, а не со споредба. Кардиналот сфатил дека секој е повикан да се стреми кон сопствената светост, но и да ја промовира светоста на другите, одејќи заедно кон Христос (сп. 1 Сол 3,12-13). Тоа е логиката на Евангелието и треба да биде логиката на папската дипломатија: единство и заедништво, со свесност дека секој човек е повикан на светост.
Служба и понизност
На крајот, Папата ја повика Пресвета Дева Марија, која Рафаел Мери дел Вал ја љубел со синовска нежност, да ги поучи семејствата, дипломатите на Светиот Престол и сите кои служат во Црквата, да ги обединуваат вистината и љубовта, разумноста и смелоста, служењето и понизноста, за да може во сè да свети Христос.
Ватикан њуз/к.мк