Папата: Божјото Слово нека ги обнови животите со надеж и љубов

Папата: Божјото Слово нека ги обнови животите со надеж и љубов

Папата Фрањо одржа проповед во базиликата Свети Петар во Ватикан за време на светата Литургија во Недела на Словото Божјо, која оваа година се одбележува на тема „Остани во моето Слово“

Папата Фрањо на 21 јануари го предводеше одбележувањето на Неделата на Словото Божјо во базиликата Свети Петар. Годинешното мото е преземено од Евангелието според свети Иван: „Остани во Моето Слово“.

Папата го востанови тој ден како пасторална иницијатива за да ја покаже важноста на Божјото Слово во секојдневниот живот на Црквата и нашите заедници, Словото кое не е ограничено само на книга, туку кое секогаш останува живо, конкретно и е опиплив знак.

Светиот Отец во својата проповед, осврнувајќи се на неделното Евангелие, истакна дека кога Исус ги повика првите ученици да ги остават своите рибарски мрежи за да го следат, Господовото Слово ја ослободува силата на Светиот Дух, сила која ги привлекува луѓето кон Бога.

Тоа Слово нè привлекува кон Бога, а потоа нè испраќа кај другите, објасни Папата, бидејќи поттикнува нашето срце и ум да растат, покажувајќи ни нови и возбудливи хоризонти на надеж и љубов што сакаме да ги споделиме со другите.

Мисионери

Папата објасни дека и ние, на нашите сопствени брегови на животот каде што сме окупирани од мрежи на секојдневни занимања, треба да го слушнеме повикот Господов да одиме со Него како мисионери, Божји гласници и сведоци во светот кој се дави во зборови, но е жеден за самото Слово, кое многу често го игнорираме.

Потсетувајќи како светците низ вековите ги отворале своите срца и умови за Божјото Слово, дозволувајќи му да ги допре и да ги обнови нивните души со Исусовиот мир и грижа за другите, Папата рече дека и ние може да бидеме допрени на сличен начин ако престанеме да бидеме глуви на Божјото Слово.

Тој истакна дека ризикот за сите нас е да бидеме обземени од сè што слушаме и да дозволиме Божјото Слово да помине покрај нас без вистински да го слушнеме, прифатиме или обработиме. Исто така, кога го читаме Божјото Слово, треба да молиме како и да го читаме Светото Писмо, за да дојде до дијалог меѓу Бога и читателот. Тој потсети дека двата клучни аспекти на христијанската молитва се вистинското слушање на Словото и славењето на Господ.

Во потрага по нов живот

Потсетувајќи како учениците ги оставиле рибарските мрежи за да го следат Исус, Папата ја опиша нивната одлука и храброста да го остават својот стар живот зад себе за да растат во нов живот со смисла вкоренета во верата и прифаќањето на Божјата љубов, живот фокусиран на она што е на крајот важно.

Следејќи го Господ

Опишувајќи го примерот на учениците, Папата рече дека нивниот избор ни покажува како Словото Христово нè ослободува од минатите и сегашните товари и ни помага да созрееме во вистината и љубовта, давајќи ни нов живот и надеж.

Папата молеше и ние со радост да се вратиме на изворите на верата, која се раѓа од слушање на Исус, живото Божјо Слово.

Читање на Божјото Слово

Светиот Отец предложи да го преиспитаме сопствениот живот и да видиме колку простор оставаме на Божјото Слово во нашите животи. Со сѐ она што го читаме и конзумираме дали оставаме простор за Библијата?, ги паша присутните. Дали го имаме Евангелието во близина, во нашите џебови и ташни, на нашите телефони?

Тој ги поттикна сите да прочитаат барем едно од четирите евангелија, бидејќи многумина можеби сè уште не го сториле тоа.

На крајот, Папата истакна дека Бог е творец на убавината и побара да дозволиме да бидеме совладани од убавината која Божјото Слово ја носи во нашите животи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот