Папата Фрањо се сретна со членовите на Италијанската унија за превоз на пациенти до Лурд и меѓународните светилишта (UNITALSI) по повод 120-годишнината од нивното формирање. Тој ги охрабри да продолжат да се грижат за слабите преку ходочестијата кои се патувања за живот, патувања на исцелување, кои го промовираат достоинството на секој човечки живот, особено оние кои се погодени од болест, кревкост и страдање.
Ходочестијата на Унијата за превоз на болни до Лурд и меѓународните светилишта (UNITALSI) го промовираат достоинството на оние кои страдаат од болести и слабости и го сведочат лицето на Црквата која стои на страната на најслабите.
Ова папата Фрањо го истакна на средбата со членовите на италијанската национална унија за превоз на болни до Лурд и меѓународни светилишта, 120 години откако беше основана од Џовани Батиста Томаси. Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI, исполнета со волонтери, болни и лица со попреченост, Светиот Отец им оддаде признание на оние кои ја вршат оваа скапоцена служба. Нивното присуство, како што рече: Сведочи за убавината на Црквата која знае да придружува, Црква која знае да се грижи за најслабите, Црква која знае да го навестува Евангелието со делотворна љубов. Ви благодарам, ви благодарам многу за она што го правите! Не се уморувајте да одите против струјата во свет кој во име на благосостојбата и ефикасноста по секоја цена, маргинализира и отфрла.
Ходочестијата се патување за живот
Зборовите на Папата се поттик секогаш да се оди напред, како што рече, а на тоа укажуваат и симболите на логото на годишнината: стапот и сандалите, знаците на ходочесниците и Богородица. Тоа е поттик да го негуваме духот на ходочестието, вдахновен од Евангелието и да ги задржиме нашите очи насочени кон Марија – истакна Светиот Отец. Затоа, ходочестијата на Унијата е лек за раните на многуте лица со попреченост, болни, стари или на оние на кои им е потребна помош, кои UNITALSI ги придружува во Лурд, како и во други светилишта, во Италија и на други места.
Тоа се патувања за живот, патувања на исцелување – во различни димензии – кои го промовираат достоинството на секој човечки живот, особено обележан со болест, кревкост и страдање. Ходочесниците – како што сме сите ние во овој свет – го отсликуваат Христовото лице, кој ги зеде на себе нашите слабости за да ги надополни со силата на воскресението.
Црквата, полска болница
Прифаќање, гостопримство и солидарност се вредностите на ходочестијата за време на кој UNITALSI собира здрави и болни луѓе, стари и млади, посветени и мирјани, што ја прави Црквата полска болница која пред зборовите дава предност на близината и нежноста.
Така UNITALSI станува жив знак на Црквата која оди заедно, која ги поддржува слабите и која не сака никого да остави зад себе. Тоа е слика на Црквата како “полска болница” која како Добриот Самарјанин приоѓа со сочувство и ги преврзува раните полевајќи ги со елеј и вино (сп. Лука 10,34). И сето тоа во тишина и дискреција, бидејќи пред страдањето зборовите треба да остават простор за близината и гестови на нежност. Внимавајте: тоа секогаш нека биде вашиот стил!
Силата на Словото Божјо
UNITALSI е упориште за семејствата и заедниците, а во исто време и заштита за животот кога е слаб. Истовремено врши дело на евангелизација и апостолат, со дела и пример, со навестување кое има вкус на конкретност. Тоа е јазик што може да зборува со секого – истакна папата Фрањо – исто како што тоа го прави Евангелието, проповедајќи за тоа како луѓето го барале Исус затоа што во Него ја чувствувале силата на Бог кој лекува, Бог кој простува, Бог кој утешува, Бог кој дава надеж.
Словото Божјо секогаш нека ви биде храна и ваш “стап” на кој се потпирате на патот, за да не се откажете и кога патувањето ќе стане заморно, а вашите сили се намалуваат.
Погледнете на Марија за да можете да им помогне на најслабите
На крајот, папата Фрањо посебно се осврна на статуата на Богородица од Лурд, која по повод споменатата годишнина ходочестеше низ Италија, а со нив пристигна и во Ватикан. Им препорача да продолжат да ја бараат Богородица, да размислуваат за неа, да ја повикуваат, да го положат пред нејзините нозе трудот, вознемиреноста и болките што секој ги носи со себе.
Во овие денови што нè водат до Божиќ, ликот на Марија ни изгледа уште попознат, поблизок до нас: да ја погледнеме и таа да нè погледне нас, за да научиме да кажеме „да“, без страв да ги прифаќаме Божјите планови и да се грижи за најмалите и беспомошните.
Ватикан њуз/к.мк