Папата: Барањето на вистината најдобриот лек за лажните вести

Папата: Барањето на вистината најдобриот лек за лажните вести

Потребно е новинарство кое е помалку фокусирано на вонредните вести, кое секогаш ја бара вистината– напиша папата Фрањо во својата порака по повод 52. Светски ден на социјалните комуникации.

Потребно е новинарство кое е помалку фокусирано на вонредните вести, кое секогаш ја бара вистината и секогаш се посветува кон посочување на решенија кои претставуваат алтернатива на ескалацијата на викањето и вербалното насилство – напиша папата Фрањо во својата порака по повод 52. Светски ден на социјалните комуникации кој се одбележува на 13 мај оваа година, а која е објавена на 24 јануари 2018 година, на празникот на свети Фрањо Салешки, заштитникот на новинарите и писателите. Папата во пораката ги охрабрува медиумиските работници да се вратат на темелите на својата струка, на своето „послание“, имено да бидат чувари на вестите. Темата за овогодинешната порака која гласи „Вистината ќе ве ослободи (Иван 8, 32) Лажните вести и новинарство за мирот“, е многу актуелна, но Светиот Отец потсети дека веќе неговиот претходник блажен Павле VI во 1972 година како тема за Светскиот ден на комуникациите ја избрал „Информациите во служба на вистината.“

Во првиот дел од порката Папата го анализира феноменот лажни вести. Напоменува дека целта на лажните вести е да го измами, па дури и да го манипулира читателот. Тој забележува дека понекогаш нивното ширење има за цел влијание на политичките избори и фаворизирање на економските инетереси. Денес нивното ширење може да се смета за манипулативно користење на социјалните мрежи кои лажните вести ги прават „вирусни“. Трагедијата на дезинформацијата – предупредува папата Фрањо – е дискредитирање на другиот, претставувајќи го како непријател што може да доведе до негово демонизирање и поттикнување на конфликт. Лажните вести се знак на нетолерантни и многу чувствителни ставови, и водат единствено кон ширење на ароганција и омраза. Тоа е конечниот резултат на невистината – порача Светиот Отец, напоменувајќи дека дезинформацијата е вкоренета во жедта за моќ која оди од лага во лага за да ни ја одземе нашата внатрешна слобода.

Светиот Отец во пораката истакнува дека сите сме повикани да се спротивставиме на тие лаги и да го ставиме акцентот на „образовните иницијативи“ кои на луѓето им помагаат да не бидат несвесни проширувачи на дезинформациите, туку протагоности на разоткривањето на лагата. И Папата овде се фокусира на Првата Книга Мојсеева, ја објаснува „логиката на змијата“ заснована на лажните вести, односно дека „татко на лагата“ е првиот создател на лажните вести. Искушувачот – стои во пораката – зема веродостоен изглед, глуми дека е пријател на човекот, фокусирајќи се на заведување со помош на лажни и примамливи аргументи го пронаоѓа својот пат до човековото срце. Токму како и лажните вести. Тој библиски приказ ни покажува дека не постојат безопасни дезинформации. Навистина, довербата во лагите може да има катастрофални последици, бидејќи дури и богатството со искривувањето на вистината може да има опасни ефекти.

Папата Фрањо во тој контекст го цитира Достоевски кој во своето дело „Браќа Карамазови“ напишал: „Оној кој самиот себе се лаже и ја слуша сопствената лага, ќе дојде до тоа што повеќе нема да познае никаква вистина ниту за себе, ниту околу себе, туку доследно ќе престане да се почитува и себе и другите. А не почитувајќи никого, престанува да љуби, а без љубов да се забавува и разонодува, се одава на страсти и груби задоволства, и станува вистинско животно во своите пороци, а сето тоа затоа што постојано ги лаже и другите и самиот себе.“ А токму вистината е – продолжи Папата – најрадикалниот противотров за „вирусот на лагата“. Светиот Отец во тој контекст напоменува дека ослободувањето од лагата и барањето на односи се две состојки кои не смеат да недостасуваат за нашите зборови и гестови да бидат вистинити, веродостојни и доверливи.

За да ја препознаеме вистината – пишува папата Фрањо – треба да разликуваме сè што нè поттикнува на заедништво и го промовира доброто од сето она што се стреми кон изолирање, разделување и спротивставување. Според тоа, вистината не се дофаќа кога се наметнува од надвор како нешто не лично, туку единствено кога произлегува од слободниот однос со луѓето, од меѓусебното слушање. Ниту некогаш може да престане потрагата по вистината – продолжува Светиот Отец – затоа што лагата секогаш може да се измолкне, па и тогаш кога тврдиме работи кои се вистинити. Беспрекорниот аргумент може навистина да се заснова на непроценливите факти, но ако се користи за да се повреди другиот и тој човек да се дискредитира во очите на другите, колку да изгледа исправен, не е вистинскиот. Можеме да препознаеме вистинска изјава по нејзините плодови: поттикнува на кавга, поделби и резигнација; или од друга страна промовира ли информирано и зрело размислување кое води кон конструктивен дијалог и плодоносни резултати.

Луѓето, а не стратегиите – истакна папата Фрањо – се најдобриот противотров за лагата. Луѓето кои се ослободени од алчноста, кои се подготвени да слушаат и кои прават напор за да стапат во искрен дијалог за да излезевистината на светлината на денот; луѓето кои ги привлекува добрината и кои одговорно го користат јазикот. Така се истакнува големата одговорност на новинарите во информирањето. Новинарот – се вели во пораката – е чуварот на вестите и неговото послание е во беснилото и вртлогот на сензационалните вести да се сети дека во фокусот на вестите не е брзината на нивното објавување, ниту нивното влијание на публиката, туку човекот. Да ги информираш другите значи да ги обликуваш – продолжи Светиот Отец – значи да се биде во допир со човечките животи. Од таа причина гарантирањето на точноста на изворот и чувањето на комуникацијата се вистински средства во промовирањето на добрината, создавањето доверба и отворањето на патот кон заедништвото и мирот.

Папата Фрањо својата порака ја завршува со искрен повик до сите за новинарство на мирот. Не станува збор за старомодно новинарство кое го негира постоењето на сериозните проблеми и има примеси на сентименталност, туку за новинарство без претерувања, кое е вистинито и непријателски настроено кон лагите, реторичките слогани и сензационалистичките наслови. Потребно е новинарство кое го создаваат луѓе за луѓе, новинарство кое е во служба на сите, а посебно на оние кои немаат глас. Светиот Отец својот документ го завршува со молитвата вдахната од свети Фрањо Асишки. Господ направи нè оружје на својот мир. Дади ни да го препознаеме злото кое е прекриено во комуникацијата која не го гради заедништвото; таму каде е сензационализмот дади да ја користиме трезвеноста, а таму каде е лагата дај да ја донесуваме вистината – порачува на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот