Папата: Мисионерите се славата на нашата Црква

Послушноста на гласот на Светиот Дух кој поттикнува да се „изгори“ за навестување на Евангелието и во најоддалечените простори –  е ознаката на секој човек кој избира да и служи на Црквата заминувајќи во мисија – рече папата Фрањо на светата Литургија на 10 мај 2016 година во домот Света Марта.

Во срцето на секој апостол лежи повикот кој „принудува“, неодоливиот поттик сопствениот живот да се дарува за Христос уште повеќе да се „изгори“ за Него. Тој бил пламенот кој горел во срцето на свети Павле, тој е пламенот кој беснее во „многу млади“ кои ја напуштиле татковината, семејството и заминале во далечни места, на други континенти за да го навестуваат Исус Христос“ – рече Папата.

„Принудени“ од Духот

Денешниот дел од Делата на светите Апостоли зборува за заминувањето на свети Павле од заедницата во Милит. Апостолот на народите знае – и вели – дека таа заедница повеќе нема да го види. Дошол часот на неговото заминување во Ерусалим каде што го води Светиот Дух, Кој секогаш го поттикнувал за навестување на Евангелието, соочувајќи се со проблемите и прогоните, а чие целосно господство над сопствениот живот свети Павле му го признава. „Верувам“ – рече Папата – „дека тој дел потсетува на животите на нашите мисионери.“

Тие „оделе принудени од Светиот Дух“, тој бил нивниот повик – нагласи додавајќи дека многумина од нив починале млади со помалку од 40 години заради болестите на кои не биле подготвени. Го дале животот како млади: „изгореле“. „Мислам дека тие во последниот момент далеку од своите татковини, од семејството, од саканите луѓе кажале: „Се исплати она што го направив“ – рече Светиот Отец.

Мисионерите слава на Црквата

Мисионерите заминуваат не знаејќи што ги чека – рече Папата. Апостолот Павле тоа го потврдува со зборовите: „Не знаејќи што ќе ми стане таму, освен она кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки.“ Мисионерот знае дека нема да биде среќен во овој живот, но оди напред.

„Нашите мисионери, тие херои на евангелизацијата во нашето време… Европа ги исполни другите континенти со мисионери… И тие заминувале без враќање… Верувам дека е исправно да му се заблагодариме на Господ за нивното сведоштво. Исправно е да бидеме радосни што сме ги имале тие мисионери кои се вистински сведоци. Размислувам каков бил нивниот последен момент: какво било простувањето? Како свети Фрањо Ксаверски: „Оставив сè, но се исплати!“ Некои од нив биле и „маченици кои го дале животот за Евангелието. Тие мисионери се нашата слава! Слава на нашата Црква“ – нагласи папата Фрањо.

„Млади изгорете за благородни цели!“

Рече дека една од карактеристиките на мисионерот е послушноста, покорноста на Светиот Дух. Затоа поттикна на молитва незадоволствата кои ги зафаќаат денешните млади гласот на Духот да ги „принудува да даваат повеќе“, „да изгорат“ за благородни цели.

Сакам да им кажам на момчињата и на девојките кои не се пронаоѓаат во културата на конзумеризмот и нарцизмот да гледаат на хоризонтот – рече Папата. „Гледајте таму, гледајте ги нашите мисионери!“ Затоа препорача молитва до Светиот ДУх за да ги поттикне да „изгорат“. „Малку тврд збор“ – напомена – но тој е животот кој се исплаќа да се живее: „да се изгори“ во служењето, навестувањето и одењето напред. „Таа е радоста на навестувањето на Евангелието“ – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот