Октомвриска побожност

„Ги вперувам своите очи во вас, браќа и сестри од секоја припадност, во вас, драги семејства, млади: Со доверба повторно земете ја Бројаницата во раце! Откријте ја одново во светло на Писмото, во склад со литургијата и во поглед на секојдневието. Овој мој повик да не остане неисполнет!“ (Иван Павле II, Бројница на Дева Марија – Rosarium Virginis Mariae)

Убаво е во месец октомври да се биде со Богородица, Мајка на Црквата и да се моли Света Бројница. Преку Светата Бројница Богородица ни дарува голема благодат.

Светата Бројница го повикува човекот на покајание, ја поттикнува надежта и ја открива смислата на човекот. Преку сите таинства на Светата Бројница Богородица нѐ води со својата мајчинска љубов до нејзиниот Син, а наш Спасител Исус Христос.

Светата Бројаница е составена од наједноставните христијански молитви, кој секој христијанин ги знае и при тоа размислуваме за таинства од животот на Исус, важни за нашето спасение. Тие таинства се поделни на: Радосно, жалосно, славно и светло. Овие таинства се меѓусебно поврзани и прават единствен совршен чин на Божјата љубов кон човекот, кој е грешник, но и возљубено дете Божјо.

Да молиме света Бројница во радосни, славни и тешки моменти од нашиот живот, за да имаме светло на нашиот животен пат. Преку оваа молитва остануваме постојано поврзани со Богородица, а преку нејзиното застапништво, без сомневање, ќе ни биде поткрепа на нашиот пат до животот вечен.

Покрај тоа што оваа молитва се моли во парохиските цркви, не би било добро да се моли само во црквата. Се препопрачува оваа молитва да се моли и во семејствата, да стане наша, лична и семејна молитва, секојдневна, и ќе почувствувате дека Бог е присутен со вашето семејство. (го*ко)


Категорија: духовнитекстови

За авторот