Од проповедта на Папата: Христијанскиот живот се состои во слушање и исполнување на Словото Божјо
„Христијанскиот живот е едноставен: да го слушаш Божјото Слово и да го спроведеш во дело, да не се ограничуваш на „читање“ на Евангелието, туку да се запрашаш на кој начин зборовите од Евангелието зборуват за нашиот сопствен живот,“ е пораката на папата Фрањо на светата Литургија на 23 септември во домот Света Марта.
Исусовите зборови звучеле ново, така и Неговиот авторитет изгледал како нешто ново. Зборовите допирале до срцето, многу во нив препознале навестување на „силата на спасението“. Затоа мноштвото го следи Исус, рече папата Фрањо. Но, имало и такви кои го следеле „од интерес“, без премногу чистота во срцето, можеби само од желба за да „станат подобри“. По две илјади години работите не се промениле многу. И денес многумина Го слушат Исус како оние девет губави од Евангелието: среќни што оздравеа – веднаш Го заборавија Исус Кој им го врати здравјето. (Лк 17, 11-19)
„Но, Исус продолжува да им зборува на луѓето, ги сака луѓето, го сака мноштвото до таа мерка што вели овие кои ме следат, ова мноштво – тие се мојата мајка и моите браќа, тоа се тие. Толкувајќи: Оние кои го слушат Божјото Слово, кој го исполнуваат. Тие се два услова за наследување на Исуса: да го слушаш Божјото Слово и да го исполнуваш. Во тоа е христијанскиот живот, ништо повеќе од тоа. Едноставно, едноставно. Можеби ние го комплициравме, со многу толкувања кои никој не ги разбира. Христијанскиот живот е тоа: да го слушаш Божјото Слово и да го исполнуваш.“
Еве, зошто на веста дека роднините го бараат, Исус одговара вака (Лк 8, 19-21): „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушат Словото Божјо и го исполнуваат.“ А за да се слуша Божјото Слово, Исусовите зборови, доволно е да се отвори Библијата. Но, тие страници не треба да се читаат, туку да се слушаат. „Да го слушаме Божјото Слово – укажува папата Фрањо – да прочитаме и да кажеме: Што ми зборува тоа на мене, што зборува на моето срце? Што ми зборува Бог преку овие зборови? И тогаш нашиот живот ќе се менува.“
„Секогаш кога ќе го отвориме Евангелието, да прочитаме дел и да се запрашаме: Ми зборува ли Бог нешто? А, ако ми зборува, што ми зборува? – тоа значи да го слушаш Божјото Слово, да го слушаш со ушите и да го слушаш со срцето. Да го отвориш срцето за Божјото Слово, Исусовите непријатели го слушале Исусовото Слово но, Му биле во близина за да Му пронајдат грешка, чекале да се лизне и да изгуби авторитет. Но, никогаш не се прашале: Што мене ми зборува Бог во ова Слово? А Бог не зборува само на „сите“, да, зборува на сите но, зборува и на секому од нас. Евангелието е напишано за секој од нас поединечно.“
Секако не е едноставно да ги спроведеш зборовите во дело, бидејќи „полесно е да живееш спокојно игнорирајќи ги барањата на Божјото Слово. „Конкретниот пат го покажуват заповедите и блаженствата. Секогаш треба да сметаме на Исусовата помош дури и ако нашето срце слуша правејќи се дека не разбира. Он е „милосрден и на сите простува“, ги чека сите бидејќи е трпелив.“
„Исус ги прифаќа сите и оние кои го слушат Словото Божјо, па потоа го издаваат. Да се сетиме на Јуда „пријателе“ му вели во моментот кога го издава (Мт 26,50). Господ секогаш го сее Своето Слово и бара само отворено срце кое ќе го слуша и добра волја за да го спроведе во дело. Нека нашата молитва денес биде молитвата од псалмот: Постави ме на патеката на Твоите заповеди (Пс 118, 35), на патот на Твоето Слово, за под Твое водство да научам да го исполнувам“, заврши папата Фрањо.
РВ/Д.И.