Од проповедта на Папата: Исус моли за секој од нас
Исус моли за секој од нас, покажувајќи му ги на Отецот своите рани – истакна Папата во проповедта на 3 јуни за време на светата Литургија во домот Света Марта. Папата рече дека Исус е наш застапник Кој нè брани, иако сме виновни и иако сме направиле многу гревови.
Осврнувајќи се на денешните литургиски читања, Папата во проповедта говореше за Исусовата посредничка молитва која нè поттикнува на размислување. Исус разговара со Отецот и вели: „Јас за нив се молам“. Исус моли за нас. Како што молеше за Петар и умрениот Лазар. Исус не моли за светот, туку моли за Својата Црква – заклучи Светиот Отец.
Апостол Иван, размислувајќи за тоа и мислејќи на нас грешниците, вели: „Не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот“. Би требало добро да размислиме за оваа вистина, за оваа стварност – во овој час, Исус моли за мене. Во животот можам да одам напред бидејќи имам Бранител, па и ако сум виновен и голем грешник… Тој е бранител; и на Отецот ќе му говори за мене – рече Папата.
Тој е Бранител, а ни го испрати Утешителот. Кога во парохијата, куќата или семејството имаме некоја потреба, некаков проблем, треба да се обратиме до Исус да моли за нас. А како Исус денес моли? – запраша Папата одговарајќи: Мислам дека со Отецот не говори многу; не говори, туку љуби. Меѓутоа сигурно денес прави нешто, уверен сум: Му ги покажува на Отецот своите рани и со своите рани моли за нас, како да му говори на Отецот: Оче, ова е цената за нивното спасение! Помогни им, штити ги. Овие Твои деца ги спасив со овие рани.
Инаку не може да се сфати зошто Исус после воскресението се покажа во прославено тело, без модрици и знаци на мака, а раните ги задржа. Зошто ги понесе во небото? – Да моли за нас; да ја покаже на Отецот цената платена за нас. Ова е цената, немој да ги оставиш сами! Помогни им – објасни папата Фрањо додавајќи:
Веруваме дека Исус за нас посредува. А кога се молиме го поттикнуваме Исус: Исусе, моли за мене; покажи Му ги на Отецот Своите рани кои се и мои; тоа се рани предизвикани со мојот грев; моите проблеми. Исус во овој момент Му ги покажува на Отецот Своите рани. Да се сетиме на зборовите на Исус упатени до Петар: Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера; Да бидеме сигурни дека Тој моли за секој од нас. Да се надеваме на таа Исусова молитва пред Отецот – поттикна повторно на крајот Светиот Отец.
РВ/С.С.