Од проповедта на Папата: Да не ја губиме довербата во Бог, дури и тогаш кога не сфаќаме што бара од нас

Да имаме доверба во Бог во мрачните моменти и кога не ја разбираме историјата која Бог со нас ја пишува, да знаеме дека секогаш се работи за историјата на спасение, порача папата Фрањо на светата Литургија на 18 декември во капелата на домот Света Марта. „Бог сака да нè спаси во историјата“ и затоа нашето спасение не е „стерилно, лабараториско“, туку историско; Он во историјата оди со Својот народ, рече Светиот Отец.

„Бог пишува историја, но и ние пишуваме историја; и кога ќе згрешиме Бог ја поправа и ја води напред секогаш одејќи со нас. Ако тоа не ни е јасно, никогаш нема да го сфатиме Божиќ! Никогаш нема да го сфатиме овоплотувањето на Словото“, нагласи Папата и додаде дека тоа одење со Божиќ не завршило, туку Господ и понатаму е со нас и нè спасува.

Во историјата постојат избраници т.е. луѓе кои Бог ги избрал „за да му помогнат на Неговиот народ да истрае“, како Авраам, Мојсеј и Илија, продолжи папата Фрањо. И тие во животот имале „тешки и непријатни моменти, моменти на мака“. Можеби тие биле луѓе кои сакале да живеат мирно, но „Господ во тоа им запречил“. Господ ни пречи во пишувањето на историјата! Многу пати ги насочува патеките кои не ни се по волја“, истакна Папата.

Во денешниот евангелски дел гледаме еден таков тежок момент во историјата на спасението: Јосиф открива дека неговата свршеница Марија е бремена. „Тој страда, ги гледа жените во селото како шират гласини на пазарот и страда“, рече Папата погодувајќи што му поминувало низ мислите: Но, таа е добра, ја познавам! Божја жена. Што ми направи? Не е можно!“ Ако ја обвини ќе ја каменуваат. Но, не сака тоа да го направи дури и ако не разбира за што се работи. Знае дека Марија „не може да биде неверна“. „Во тие тешки моменти“ Бог ја води историјата преку своите избраници кои го земаат проблемот на своите рамења дури и ако не го разбираат, рече Папата.

„Така прави Јосиф“, „во најтешкиот момент од својот живот“ го зема проблемот на себе. „Во очите на другите се обвинува самиот себе за да би ја оправдал својата свршеница. Можеби некој психоаналитичар би кажал дека сонот (во кој ангелот му рекол да не се плаши да ја земе Марија кај себе), е само потисната вознемиреност кој бара излез… Ма може да кажат што сакаат. Што направи Јосиф? После тој сон, „ја зеде кај себе својата жена“, размислувајќи можеби: „Ништо не сфаќам, но Господ ми рече, ќе биде како мој Син!“

Бог во пишувањето на историјата ги става своите избраници на искушение, продолжи Папата, но на крајот ги спасува: „И во најтешките моменти, во моменти на болест кога сфаќаме дека треба да го побараме последното Елеопомазание“, да се сетиме со доверба да кажеме: Господи историјата не започна со мене, ниту ќе заврши со мене. Нека биде Твојата волја: и да се ставаме во Господовите раце.

Божјите избраници нè учат дека Бог оди со нас, пишува историја, нè става на искушение и нè спасува во најтешките моменти, бидејќи Он е наш Отец. Нека Господ ни помогне да го сфатиме тоа таинство на Неговото историско одење со Својот народ, за да ги испита Своите избраници, но и големината на нивните срца, „додека ги земаат на себе болките, проблемите, дури привидната грешност – да се сетиме на Исус, објасни Светиот Отец поттикнувајќи на крајот со Бог заедно да продолжиме да соработуваме во пишувањето на историјата.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот