Објавена програмата за Апостолското патување на папата Фрањо во Сараево

Во Сараево на 14 април е објавена програмата за Апостолското патување на Папата Фрањо во главниот град на Босна и Херцеговина, предвиден за 6 јуни оваа година. На средбата со новинарите присуствуваше надбискупот, кардинал Винко Пуљиќ, апостолскиот нунциј надбискуп Луиџи Пецуто и Организациониот комитет и претставници на институциите.

Тоа ќе биде 11-то патување на папата Фрањо, а седмо меѓународно, во текот на две години од неговиот Понтификат. Ова еднодневно патување, преполн со настани, ќе биде обележено со света Миса на стадионот Кошево и со средбите под мотото „Мир на вас“.

Светиот Отец, на тој ден, во 7:30 часот ќе отпатува од Римскиот аеродром Фјумичино, и во 9:00 часот ќе слета на меѓународниот аеродром во Сараево. После половина час пред Претседателската палата ќе биде одржана церемонијата за добредојде, по што во палатата, ќе следи куртоазна посета на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и средба со боснохерцеговачките власти. Таму папата Фрањо ќе го има својот прв говор. Во 11 часот на стадионот Кошево ќе служи света Миса.

Попладне, после средбата и ручекот со епископите и со придружба во Апостолската нунцијатура, Светиот Отец во 16:20 часот ќе оди во катедралата, каде што ќе им се обрати на свештениците, монасите, монахињите и семинаристите. Потоа, во 17:30 часот во Фрањевскиот меѓународен студенски центар ќе биде одржана екуменска и меѓурелигиска средба, а час подоцна, Папата во Бискупскиот центар за млади „Свети Иван Павле II“ ќе се сретне со младите.

Посетата на Папата во Сараево ќе заврши со прошталната церемонија на сараевскиот аеродром во 19:45 часот и со заминувањето за Рим во 20:00 часот Пристигнувањето во Рим е предвидено во 21:20 часот.

Станува збор за патување кое папата Фрањо го најави ненадејно, за време на попладневниот наговор на 1 февруари, повикувајќи на молитва за да ова патување би го поттикнал квасецот на добрината и би придонел за зајакнувањето на братството и мирот, како и за меѓурелигискиот дијалог и пријателство.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот