Објавена пораката на Папата за Светски ден на молитва за духовни звања

Објавена пораката на Папата за Светски ден на молитва за духовни звања

„Убаво е и голема благодат е целосно и засекогаш да си посветен на Бог и во служба на браќата и сестрите.“ Тоа го пишува папата Фрањо во својата порака за 55. Светски ден на молитва за звања, кој ќе се одбележи на 22 април 2018 година.

Во пораката, Папата спомнува дека „во центарот на нашиот живот стои повикот за радост, кој Бог ни го упатува. Ние не сме жртви на случајности, ниту зафатени од серија неповрзани настани, напротив нашиот живот и нашето присуство во светот е плод на еден божествен повик.“

Во пораката, Папата истакнува три неопходни аспекти за да се открие тоа што Бог го сака од секој од нас: слушање, избор и живеење на повикот Господов. „Да се слуша, затоа што Бог секогаш е дискретен, никогаш не се наметнува и може да се случи, неговиот глас да биде пригушен од сето она кое го исполнува нашиот разум и срцето.“

„Никогаш нема да можеме да го откриеме посебниот, личниот повик кој Бог го замислил за нас, ако останеме затворени во себе, во нашите навики, и во апатија со оние кои го трошат својот живот во тесниот круг на сопственото его, губејќи ја можноста да сонуваме големи работи и да се претвориме во главниот актер на единствената и оригинална приказна која Бог сака да ја напише со нас,“ пишува папата Фрањо.

За да го откриеме личниот повик неопходно е „духовно расудување,“ односно да започнеме да водиме дијалог со Господ. „Имаме поголема потреба да ги откриеме, преку односот со Господ, местата, средствата и ситуациите, преку кои Тој нè повикува. Секој христијанин треба да биде способен да ја развива способноста да „го чита од внатре“ животот и да согледа каде и за што го повикува Господ, за да ја продолжи неговата мисија.“

На крајот, Папата повика да се живее интензивно сегашноста и да не се одложува одговорот: „Радоста на Евангелието – предупредува тој – не може да ја чека нашата бавност; нема да ги допре нашите срца ако останеме да гледаме од прозорецот, со изговор дека го чекаме вистинското време, без да го прифатиме овој ден ризикот и да донесеме одлука. Повикот е денес!“

„Секој од нас – вели Папата – е повикан, во секој период од животот, да стане сведок на Господ, овде и сега. Но, Господ повикува и кон една врска на посебна близина, и на директно служење. Не треба да се плашиме! Убаво е и голема благодат е да бидеме целосно и засекогаш посветени на Бог и во служба на браќата и сестрите,“ завршува папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот