Објавена е официјалната програма за посетата на Папата на Дубаи

Објавена е официјалната програма за посетата на Папата на Дубаи

Папата Фрањо од 1 до 3 декември ќе отпатува во Обединетите Арапски Емирати за да учествува на Конференцијата на државите членки на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, каде што ќе се обрати на учесниците на самитот, ќе одржи приватни билатерални средби и ќе го инаугурира „Павилјонот на верата “ на Експо Сити во Дубаи

Канцеларијата за печат на Светиот престол објави соопштение во четврток, 9 ноември 2023 година, во кое се наведува дека папата Фрањо треба да се обрати на самитот COP28 во Дубаи, како и да учествува на неколку приватни билатерални состаноци и да го инаугурира „Павилјонот на верата“ во Експо Сити.

Посетата на Папата на Дубаи од 1 до 3 декември ќе се одвива во рамки на Конференцијата на државите членки на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, т.н. COP28. Тоа ќе биде прво учество на Папата на Конференцијата на членките – COP, а втора посета на Обединетите Арапски Емирати по неговото патување во Абу Даби во 2019 година.

Светиот Отец ќе полета од римскиот меѓународен аеродром Фиумичино во петок, 1 декември во 11.30 часот. Треба да слета на главниот меѓународен аеродром во Дубаи околу 20.25 часот. По пристигнувањето, планирана е официјална церемонија за пречек.

Обраќање на самитот COP28

Главниот настан од посетата е во сабота на 2 декември во 10.00 часот кога е предвидено обраќање на папата Фрањо пред учесниците на самитот COP28 во Експо Сити. Потоа, од 10.30 до 15.30 часот се планирани приватни билатерални средби.

Свечено инаугурирање на „Павилјонот на верата“

Во недела, на 3 декември, во 9.00 часот, Папата свечено ќе го инаугурира „Павилјонот на верата“ во Експо Сити, кој има шест главни цели на COP28: да ја истакне моќта на религиите и верските водачи како фактори на промени за климатските активности; да ги нагласи конкретните активности на верските институции и заедници за борба против климатските промени со мерливи индикатори и механизам за следење; поттикнување на глобална коалиција на верски водачи кои работат заедно на климатските активности; поттикнување на верските водачи да се вклучат во политички дијалог и да ги зајакнат климатските амбиции меѓу политичките делегации; да се постигне историска усогласеност за климатските активности; да се обедини и максимизира колективното дејствување на верските фактори присутни на COP28. По тој повод се очекува папата Фрањо да ги поздрави присутните.

Во 10.15 часот е предвидено папата Фрањо да пристигне на главниот меѓународен аеродром Дубаи, каде што ќе се одржи прошталната церемонија.

Полетувањето за Рим е закажано во 10.45 часот, пристигнување на аеродромот во Рим Фиумичино е предвидено во 14.40 часот по локално време.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот