Нигериските власти објавија дека уапсиле неколку осомничени поврзани со нападот на католичката црква Свети Фрањо на 5 јуни, на празникот Педесетница, во местото Ово, кое е во државата Ондо.
На 5 јуни, вооружени напаѓачи упаднаа во католичката црква Свети Фрањо во Ово, убивајќи повеќе од 40 верници, а повредија најмалку 80 други.
Началникот на Генералштабот на одбраната, генерал Лаки Ирабор, во вторникот на прес-конференција го објави апсењето на четворицата осомничени. Два дена подоцна, високата воена команда откри дека се уапсени уште двајца осомничени поврзани со нападот.
Еден од уапсените осомничени е висок припадник на таканаречената Исламска држава во провинцијата Западна Африка (ISWAP), рече генералот Ирабор, додавајќи дека осомничениот планирал повеќе смртоносни напади и дека ги усовршувал тие планови со своите соучесници пред да биде уапсен.
Гувернерот на државата Ондо, Аракунрин Акередолу, објави дека е уапсено уште едно лице кое им обезбедило сместување на осомничените пред нападот.
По нападот што се случи на празникот Педесетница, папата Фрањо испрати телеграма со сочувство , нарекувајќи го масакрот „чин на неискажливо насилство“. Во пораката ги препорача душите на упокоените на Божјото мислордие и се молеше за божествено исцеление и утеха за повредените и ужалените. Светиот Отец се помоли и за преобраќање на заслепените од омраза и насилство и да го изберат патот на мирот и правдата.
Нападот во Ово, исто така, наиде на осуда од граѓанските и религиозните групи, кои ја повикаа владата да стори повеќе за да обезбеди заштита на животите и имотот на своите граѓани, особено по зголемените бандитски напади.
Ватикан њуз/к.мк