Не плаши се!
Страв. Секојдневна појава во нашите животи. Таа длабока емоција која предизвикува некоја претпознатлива закана како последица го има чувството на непријатна напнатост, силен нагон и мобилизација на целото битие за бегство или борба. Стравот не го предизвикува само директната опасност, туку и некои наши идеи, нашето субјективно искуство за ситуацијата, предметите или околностите кои ги доживuваме како загрозување или опасност. Секој барем од нешто се плаши. Без оглед на неговиот степен стравот секогаш е последица на очекувањата дека работите ќе тргнат наопаку.
Помош за ова размислување ќе побараме во личностите од Светото Писмо, во нивните искуства во соочувањето со стравот и причините заради кои токму нивните стравови за нив биле многу важни како места за средба и запознавање со Господ. Сите знаеме дека стравовите нè парализираат, нè влечат или нè спречуваат да се осмелиме нешто да направиме. Постои ли некој страв кој ме блокира за да напредувам во верата, во моето одење со Господ, да извршам некое послание кое ми го дал?
Да ги погледнеме примерите од Светото Писмо. Од што се плашел Авраам? Авраам се плашел да не остане без потомство, без наследник. И тогаш Господ му го дарува синот Исак. Авраам кој го добил Исак по долго чекање најмногу се плашел од загуба на синот. Господ го соочил со неговиот страв и побарал од него да го жртвува токму тоа што му било највредно, за кое што најмногу се плашел да го загуби. Бог не го сака Исак, го сака целосно до крај Авраамовото срце! Мојсеј најмногу се плашел од враќањето во Египет, а Бог го испраќа токму во Египет. Од што се плашеле апостолите, рибари? Тие кои целиот живот извлекуваат од морето риби и живеат од морето се плашат од бура, од давење. А самиот Господ им наредува да запловат на отворено море и ги соочува со бурата.
За што ни зборуваат овие примери? Бог не ги заобиколува нашите стравови. Не. Стравовите се знак дека сè уште одблизу не сме го запознале Господ и неговата љубов, но се шанса да го сретнеме и да ја запознаеме неговата големина, сила, љубов. Да дозволиме Господ заедно со нас да помине низ нашите бури, низ нашите стравови и да излее во нашите срца доверба. Можеби е добар момент малку да застанеме и да се обидеме да погледнеме со овие очи на својот живот, на својата моментална ситуација и да започнеме тоа да го предаваме во Неговите раце. Можеби и некоја ситуација која порано сум ја искусувал како тешко искушение, болест, смрт, неуспех, осаменост… всушност е интервенција на Господ во мојот живот.
„Не плаши се Маријо! Си нашла милост пред Бога!“ Бог е поголем од мојот страв! Сам не можам да го победам стравот, но ако го земам Бог за сојузник, за пријател, за Спасител тогаш можам сè.
Крешимир Милетиќ/Гласник мира/к.мк