Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија за време на Литургијата во Радово по повод прославата на Марија од Назарет.
Драги браќа и сестри, Црквата е свадбена сала во која постојано се случува света Претворба, вода во вино, односно нашето секојдневие во Божја милост која спасува.
Ве повикувам сега Мајка Божја да ја поканиме во нашите домови Да ја повикаме во нашата парохија, нашата заедница, меѓу нашиот народ и да ѝ кажеме Мајко, вино немаат.
Погледни ги нашите болни, Мајко, здравје немаат. Поголемиот дел од народот се болни, страдалници. Повеќе се тие кои страдаат во духот, отколку оние кои телесно страдаат. Со своето мајчинско око погледни ги празните души и несреќните луѓе кои талкаат по мракот, барајќи барем каква таква смисла на својот живот. Мајко нека ти срце затрепери над ваквата судбина на луѓето, кои ги испразнија своите садови и одекнуваат празни без содржина пред празните телевизиски програми, пред полните продавници, но без пари и се движат како една голема неизмерна, безначајна маса. Мајко, немаат вино кое ги прави среќни, кажи го тоа на твојот Син.
После тоа да ја повикаме Марија во нашите семејства. Погледни Мајко колку има неверни мажи и неверни жени, колку расправии, дури и разводи во нашите семејства. Мајко, кажи му на твојот Син – слога немаат. Тие кои Бог ги соедини да бидат едно, се расправаат. На оние на кои Бог им даде да бидат сакраментално единствени, слога немаат, кажи му на твојот Син. Синко во семејствата нема слога, а тоа вино од Кана Галилејска е чудесно вино, исполнето со милост, прошка, помирување, да можат да се поднесуваат за да опстане слогата.
И на крајот да ја повикаме Марија меѓу нашите млади. На местата каде тие се забавуваат, каде танцуваат и каде го поминуваат времето на запознавање и фантазија околу заедничкиот живот. Ти, Мајко гледаш колку современиот неморал ги разори срцата на младите, ги собра цветовите, кои штотуку се во развој, а сега се погазен и фрлен цвет. Мајко, и тие немаат вино. Вино кое е вистина, кое освежува, кое оздравува, вино исполнето со милост и води кон решение. О, Мајко, созаштитничке на оваа парохија, немој да бидеш само тука. Твојот лик кој пред нас го гледаме прикажува како си зачекорила, чекори и по Радово и по сите парохии и по сите делови на нашата убава татковина и по целиот свет, а каде ти чекориш, таму го носиш и Исус, кој е единствен кадар и способен да ја преобрази оваа наша заедница во среќна и стабилна сала на твојата Црква.
Драги браќа и сестри, ако ова размислување сериозно го сфатиме ќе бидеме среќни, бидејќи Марија се одѕива на свадбата на животот во секое време. Додека пак на вас драги млади ви порачувам никако да не стапите во брак, а на свадбата да не ви бидат гости Марија и нејзиниот син Исус. Амин.