Слово Божјо за денес: Дом достоен за Господ

Слово Божјо за денес: Дом достоен за Господ

Од Светото Евангелие според Лука (7, 2-10)

2. Слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање; а многу го сакаше.
3. Па како чу за Исуса, ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов. 4. А тие, штом дојдоа при Исуса, Го молеа усрдно и велеа: „Достоен е да му го направиш тоа, 5. оти го сака нашиот народ, и синагогата тој ни ја направи.” 6. И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите свои при Него, говорејќи: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив; 7. затоа и сам себе не се најдов достоен да дојдам при Тебе, туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; 8. оти и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: »Оди!« – и тој оди; на другиот: »Дојди!« – и тој доаѓа; и на слугата свој: »Направи тоа!« – и тој прави.” 9. Штом го чу тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: „Ви велам, ни во Израилот не најдов толку голема вера!” 10. Испратените кога се вратија, го најдоа болниот слуга здрав.

Денешниот дел од Евангелието опишува интересна ситуација во која доаѓа до израз верата на еден римски стотник, до таа мера што Господ искажува исклучителни пофални зборови за него и за неговата вера. Станувало збор за угледен и чесен човек, чиј слуга лежел болен, и ги замолува старешините јудејски да посредуваат кај Исус за да дојде и да го излекува. Бидејќи го сметале за достоен за да посредуваат за него, достоен и за Исусовата помош, старешините му ја пренесуваат на Исус неговата молба и Исус се упатува кон неговата куќа за да го излекува слугата. Но додека Господ се приближувал до куќата, стотиникот испраќа порака преку пријателите дека не се чувствува достоен за Исус да влезе во неговата куќа, и го замолува да каже само еден збор и неговиот слуга ќе оздрави. А тоа не го кажал затоа што немало каде да го прими Исус, туку затоа што ја чувствувал недостојноста на сопствената душа кон Оној за кој верува дека е Бог кој може со еден збор да ја отстрани болеста. (…)

Навистина и ние денес мораме трајно да се испитуваме како живееме и внимаваме на својот дом, дали го одржуваме на нивото да биде достоен за влегувањето на Бог во него. А за Христос да влезе во нашиот дом не поставува никакви предуслови, ниту уценува. Не очекува поради него да правиме градежни работи или реновирање. Единствено што бара е чистотата на нашата душа и убавина на односите. Нашиот дом е соодветен за Христос, тогаш кога со Божјата сила го чистиме од гревот, кога гревот не го пуштаме во своето срце, ниту преку прагот на својот дом, односно кога сме му го скратиле гостопримството, а границата на толеранција сме ја сведеле на нула. Нашиот дом е достоен за Христос тогаш кога домашните меѓусебно се љубат, кога живеат хармонично, кога не ја загрозуваат семејната заедница со пороци, псовки, кавги, нездрави интереси и болни амбиции. Нашиот дом треба да биде препознатлив како дом на христијанската љубов. (…)

Кој не живее за домот да му биде достоен за доаѓањето Господово, тој не живее ниту за сопственото спасение, ниту за благосостојба на општеството и татковината. Нека верата на римскиот стотник ни биде вдахновение и самите да сведочиме колку сме достојни за Господ тогаш кога се грижиме за семејството онака како што тој нѐ поучи.

д-р Иван Бодрожиќ/Вера и дела/к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот