Слово за живот, јули 2018

Слово за живот, јули 2018

„Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста” (2 Кор 12,9)

Во второто послание до Коринтјаните апостолот Павле им одговара на членовите на заедницата кои ја доведувале во прашање законитоста на неговата апостолска активност. Тој не се брани набројувајќи ги своите заслуги и успеси, туку го истакнува делото кое Бог го направил, во него и по него.

Павле споменува едно свое мистично искуство на длабоко единство со Бога[1] за веднаш потоа да го сподели своето страдание заради трнот во телото кој го измачува. Не кажува за што точно станува збор, но се разбира дека тоа е голема тешкотија која би можела да го ограничи во неговата евангелизациска активност. Затоа се доверува дека тој го молел Бог за да го ослободи од таа пречка, но Бог му дал неочекуван одговор:

„Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста”

Сите постојано ја искусуваме нашата и туѓата телесна, психолошка и духовна кршливост. Често гледаме како луѓето околу нас страдаат и се изгубени. Се чувствуваме слаби и неспособни за да ги решиме нивните тешкотии, дури и да се соочиме со нив, па во најдобар случај се ограничуваме на тоа никого да не повредиме.

Павловото искуство ни отвара нов хоризонт: препознавајќи ја и прифаќајќи ја својата слабост, можеме целосно да се препуштиме во Татковите прегратки. Тој нѐ љуби такви какви што сме и сака да нѐ поддржува на нашиот пат. Во продолжение на посланието потврдува: „оти кога сум слаб, тогаш сум силен.“[2]

Во врска со тоа Кјара Лубик напишала: „[…]Нашиот разум се противи на ова тврдење затоа што во него се гледа видлива противречност. Меѓутоа, таа изразува една од највозвишените вистини на христијанската вера. Исус ни ја објаснува со својот живот, а пред сѐ со својата смрт. Кога го исполнил Делото кое Бог му го доверил? Кога го откупил човештвото? Кога го победил гревот? Кога умре на крстот, поништен, по што извика: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“. Исус бил најсилен тогаш кога бил најслаб. Исус можел да го создаде новиот народ Божји само со своето проповедање, со некое дополнително чудо или со некој неверојатен гест. Меѓутоа, не го сторил тоа. Не, затоа што Црквата е дело на Бога, а во болката и само во болката цветаат делата на Бога. Затоа во нашата слабост, во искуството на нашата кршливост наоѓаме единствена пригода – да се доживее силата на Христос кој умре и воскресна. […][3]

„Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста”

Toa e контрадикцијата на евангелието: на кротките им е ветена земја во наследство[4]. Марија во пофалбата Величаj[5] ја возвишува силата на Господ, која целосно и конечно, во личната историја и во историјата на човештвото, може да ја изрази токму во маленкоста на просторот и во целосната доверба во Божјото делување.

Коментирајќи го искуството на Павле, Кјара понатаму предлага: […] Изборот на нас христијаните мора да биде во целосна спротивност од она што вообичаено се прави. Тука навистина одиме потив струјата. Животните идеали во светот обично се успех, моќ, престиж… А Павле ни вели дека треба да се гордееме со слабостите […] Да се надеваме на Бога. Тој ќе делува на нашата слабост, на нашата ништожност. А кога Тој делува, можеме да бидеме сигурни дека ги врши делата кои вредат, зрачат со трајно добро и одат во пресрет на вистинските потреби на поединците и заедницата.[6]

Летиција Магри

[1] Сп. 2Кор 11,1-7a;

[2] Сп. 2Кор 12,10;

[3] Сп. C. Lubich, Snaga boli, Novi svijet br. 6/2000.

[4] Сп. Мт 5,5;

[5] Сп. Лк 1,46-55;

[6] Сп. C. Lubich, Bog djeluje na našoj slabosti, Città Nuova, 26, [1982], 11/12, p.59.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот