Слово на животот, јуни 2026

Слово на животот, јуни 2026

„И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно!’ Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10,7-8)

Во овој извадок од Евангелието според Матеј, Исус ги избра апостолите. Ги повика по име и им даде посебна власт да истеруваат нечисти духови и да лекуваат секаква болест и немоќ. Им даде и упатства каде и како треба да ја извршуваат својата прва мисија. Пораката што требаше да ја навестуваат беше јасна: „Се приближи царството небесно“ [1].

Упатството „одејќи“ да ја навестуваат дадената порака, од една страна нагласува дека вистинскиот ученик пред сè е проповедник на близината, а од друга страна дека самиот начин на нивниот заеднички од треба да биде навестување. Во Евангелието според Иван, откако им ја даде новата заповед, Исус вели: „По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе[2].“.

„И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно!’ Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“

Царството небесно е средиштето на Исусовото навестување. Сродниот израз „Царство Божјо“ се користи во Стариот Завет и означува Божјо владеење, Божја власт и Божјо спасително дејствување во човечката историја. Тој е владетел на светот, а особено на израелскиот народ, кој го очекува потомокот на цар Давид што ќе ја обнови улогата на Израел меѓу народите. Во Новиот Завет, самиот Исус е претставен како Давидов потомок, а со тоа и како цар. За разлика од земното царство, „Царството небесно“ е царство на мир и правда, во кое се грижи за сиромашните, во кое владеат прошката и помирувањето, кои ќе донесат живот и светлина на сите народи. Тоа царство веќе започнало во светот и во срцата на луѓето, но целосно ќе се оствари со повторното Христово доаѓање.

„И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно!’ Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“

Исус навестува дека царството е временски близу, на дофат. Од параболите, како онаа за синаповото зрно или за квасецот што го проникнува целото тесто, се разбира дека тоа дејствува на таинствен и понизен начин, но истрајно и низ времето. Зборот „близу“ има и просторно значење. Кога учениците, кои го носат присуството на Исусовиот дух, се приближуваат одејќи, се приближува и Царството Божјо. Така и во Евангелието според Марко, кога Исус му вели на книжникот: „Не си далеку од Царството Божјо“ [3],, веројатно сака да му каже не само „почна да разбираш“, туку и „не си далеку од мене“.

„И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно!’ Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“

„Бесплатно“ е превод на поимот што во грчкиот изворник значи „како дар“. Со тоа се истакнува дека она што апостолите го примиле не им било дадено затоа што го заслужиле. Изворот е Божјата великодушност и фактот што биле избрани за посебна мисија.

Кјара Лубик пишува: „Царството Божјо, значи, треба да се прифати. Тоа е дар што Бог ти го дава. Никаков човечки напор, никаква аскеза, никакво учење ниту интелектуално истражување не можат да те воведат во Царството Божјо. Самиот Бог ти доаѓа во пресрет, се открива со Својата светлина или те допира со Својата благодат. И нема никаква заслуга со која би можел да се пофалиш или на која би можел да се повикаш за да стекнеш право на таков Божји дар. Царството ти се нуди бесплатно. [4]“

Додека го прифаќаме, и денес сме повикани да ја продолжиме задачата што Исус им ја даде на апостолите: со зборови и дела да ја објавуваме близината на Царството и заедно на секое човечко суштество да му ја навестуваме пораката на надеж – дека овој толку напатен и несигурен свет Бог неизмерно го љуби, дека Бог неизмерно нè љуби сите нас.

Подготвиле: Пароди Рејес и тимот на „Слово на животот“

[1] Матеј 10,7;

[2] Иван 13, 35;

[3] Марко 12,34;

[4] Спореди. К. Лубик, Слово на животот, октомври 1979.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот