Небото не е како што некој мислат, досадно место, туку средба лице во лице со Исус – истакна папата Фрањо во петок 27 април 2018 година за време на литургиското славење во домот Света Марта во Ватикан, зборувајќи за ветувањето за вечна среќа која ни ја дава Бог. Ние преку земскиот живот чекориме во сигурност, надевајќи се на тоа верување.
Појдовна точка за размислување папата Фрањо го зема првото читање од денешната Литургија. Станува збор за делот од Делата на светите апостоли кој го донесува говорот на Павле во синагогата во Антиохија Писидиска. Свети Павле на присутните Евреи им зборува дека жителите на Ерусалим и неговите старешини не го препознале Исус и дека го осудиле на смрт, но Бог го воскресна од мртвите. „И ние сега ви соопштуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исуса“, рече Светиот Отец цитирајќи ги зборовите на апостолот Павле.
Да се оди со Божјото ветување во срцето
Со тоа ветување во срцето Божјиот народ одеше по патот со сигурност која произлегувала од свесноста дека е избран народ – рече Папата и продолжи: Народот кој често бил неверен, се надевал на тоа ветување, бидејќи знае дека Бог е верен. Од таа причина одел напред, надевајќи се на Божјата верност.
И ние сме на пат. Но каде одиме? – праша Светиот Отец и одговори: На пат сме кон небото. Но некои би можеле да прашаат: Што е небото? Тука стануваме несигурни во својот одговор, не знаеме да објасниме добро што е небото. И толку многу пати го замислуваме небото апстрактно, небо кое е далеку… Но некои размислуваат: „Но, зарем таму нема да биде досадно цела вечност?“ Не, тоа не е небо. Ние сме на пат за средба: конечна средба со Исус. Небото е средба со Исус – истакна папата Фрањо.
Исус работи за нас
Папата рече дека често мораме да се враќаме на оваа мисла: „Одам низ животот како би го сретнал Исус“. Станува збор за средба која ќе ни дарува вечна среќа – потврди Светиот Отец, а потоа го постави следното прашање: Но, во меѓувреме што прави Исус? Тој не седи чекајќи нѐ нас, туку како што пишува во Евангелието според Иван, работи за нас. Тој самиот рече: Верувајте во мене“ и „Одам да ви приготвам место“ А која е Исусовата работа. Тоа се молитва и застапништво – напомена Папата и продолжи: Исус моли за мене, моли за секој од нас. Но тоа е нешто што треба од време на време да го повторуваме како би се увериле во тоа. Тој е верен и моли за мене, во овој момент.
Тој е верен и ни приготвува место
Папата потоа потсети на Исусовите зборови од Последната вечера кога му вети на Петар: „Ќе се молам за тебе“. И тоа што му го кажа на Петар, ни го вели и на секој од нас: Молам за тебе. И секој од нас би требало на самиот себе да си каже: „Исус моли за мене“, работи, ми приготвува место. Тој е верен и тој тоа го прави, бидејќи вети. Небото ќе биде таа средба, средба со Господ кој отиде пред нас како би ни приготвил место, средба за секој од нас. И на нас тоа ни дава доверба, овозможува да расте нашата доверба.
Исусовото застапништво
Исус е свештеник, кој се застапува за нас сѐ до крајот на светот – рече папата Фрањо и заврши: Нека Господ ни даде таква свест дека сме на патот со тоа ветување во срцето; нека Господ ни ја даде таа милост да гледаме кон горе и при тоа да мислиме: Господ се моли за мене.
РВ/к.мк