На Велики Петок
Молчи устата на Спасителот, не зборува јазикот, ама говори срцето Негово. Чуј што ти порачува срцето на Спасителот:
Гледаш ли колкава е мојата љубов кон тебе! Ти постојано стравуваш за своето спасение. Јас лежам мртов, Јас умрев за твоето спасение. А ти пак мислиш дека твоето спасение е невозможно. Зарем ќе очајуваш? Да, Јас однапред знаев, уште пред да се родиш дека ти ќе се сомневаш и ќе очајуваш за твоето спасение. Сите грешници се такви; кога грешат ништо не може да ги запре, за ништо не мислат но само за гревот и дури откако го сториле гревот настапува стравот и мислат дека се пропаднати за секогаш. Јас ова однапред го знаев. Затоа и умрев, та со својата смрт да те спасам, душата да ти ја успокојам, та да престанеш да очајуваш. Знај за таквите Јас умрев, за оние што велат: „За нас нема спасение!“
Грешнику, Јас не би умрел за тебе, кога би знаел дека ти не би престанал со твото очајување. Твоето очајување, верувај, би ги задржало Моите страдања Јас не би се доближил до својата горчлива чаша. Мислиш дека би умрел? Гледаш ли колку е голема мојата љубов кон тебе! Тешка, горчлива ми беше чашата на страдањата. Грешнику, ти колку болки, колку душевни маки Јас поднесов во Гетсеманската градина. Колку патев. И што ме потикнало да одам во смрт? Мислата за тебе грешнику, мојата желба да те спасам. Кога среде болките мислев на тебе, дека моите страдања и Мојата смрт тебе ти носат спасение, дека без Мојата смрт за тебе нема надеж- о, да знаеш дека драговолно тргнав да страдам да ја исполнам волјата на небесниот Отец. Гледаш ли колкава е мојата љубов кон тебе!
Тешко ми беше кога ме судеа. Сите ме обвинуваа, а јас за тоа не ги кривев; за секоја измислена кривица ме тепаа. Јас молчев. И кога силните удари почнаа да паѓаат, Јас им зборував, тие пак ме тепаа. А кога замолчев, тие ми се потсмеваа, ме ругаа грешнику! И најпосле ме распнаа меѓу најголемите грешници, злочинци. Тешко ми беше да висам на крстот главата ми беше избодена од трновиот венец, рацето и нозете прободени од клинци. Многу патев, моите блиски, што стоеја покрај крстот не можеа да ми помогнат. Во тој час ми беше тешко, што морав од длабочината на душата да воздивнам и не можев, а да не извикам кон Мојот Отец:
-Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил?
А што ме гонело да трпам и ругање, и маки, и плукање, и удари, и крст и смрт? Мислата за тебе, грешнику, мојата желба да те спасам од гревови! Ќе пострадам – си мислев – ќе се измачам, сè ќе претрпам, само тој, грешникот да не се мачи. И мојата желба да те спасам толку ми влеа снага, што сред страшните маки посакав пострашни патила и поголеми болки. О, зарем не гледаш колку е голема мојата љубов кон тебе! Никој не те сака повеќе од мене; ете и својата душа ја полагам за тебе. Те сакав пред да се родиш, пред да згрешиш; те сакав кога не мислеше за своето спасение. И зарем да не те спасам сега кога молиш за милост?!
– О грешнику мој, поради моето страдање не очајувај, заради Мојата љубов; не биди малодушен поради Мојата смрт. Не стравувај, моли се, моли Му се на Бог да ти прости; ќе те спасам, колку и да ти се големи гревовите. Јас ќе те спасам, Јас ќе те оправдам.
Така ете, набожни христијани, светата Црква, загрижена Мајка, детално ги спомнува Христовите страдања; така, ете, срцето на Спасетелот ти порачува од гробот, грешнику, да се увериш дека Господ ќе те спаси и ќе те помилува! Амин!
Родион Путјатин, руски проповедник
Подготви: Д.И.