На празникот Богојавление, 19 јануари 20120 година, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, служеше архиерејска Литургија во парохсиката црква „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица. Со епископот Стојанов сослужуваа о. Георги Трајков, о. Гоце Костов, и о. Атанас Сирачев.За време на својата проповед епископот Стојанов рече: Како што можеме да видиме од самиот настан, Иван беше скоро непопустлив пред Исус сè додека Исус не му рече: „Остави сега!“ Иван со причина беше непопустлив, тој не можел да поднесе да го види Синот Божји понижен до таков степен што се спуштил пред нозете на обичниот човек. Тој попуштил на големото инсистирање на Исус. Овој нивен спор, како и Ивановото попуштање, се слика и пример за непопустливост и попустливост со која и самите секојдневно се соочуваме. (…)
Иван бил човек кој се изградил за Божјата јакост, непорочен и постојан карактер, посветен и верен во исполнувањето на Божјиот закон, а сепак попуштил пред понизноста на Исус. Притоа, со тоа и нам ни остави пат по кој треба и ние да одиме а тоа е: патот на понизноста, односно пат на попуштање пред Господа и да му овозможиме да дејствува преку нас и да го извршува делото на спасението. Затоа, Иван имаше можност додатно да учи понизност од Исус и поучен од примерот и самиот во понизност попуштил пред барањето на Исус, зачуден над неговата огромна понизност. Затоа, денес на празникот Богојавление и Христовото крштение и нам нека ни биде лекција да бидеме понизни, што се манифестира како попуштање кон Бога, кој нè убедува со својата божествена моќ како да го прифатиме целосно Исус учејќи од примерот на неговата смиреност, како што поучуваше и Иван Крстител. Да му дозволиме на Бога да влезе во нашиот живот и да му допуштиме да не поучува, затоа што со тоа го добиваме дарот на најголема цврстина и непопустливост против сите негативни влијанија што кај нас го ублажуваат нашето чувство на припадност кон Бога и нè забавуваат во процесот кон вечното спасение.
Кон крајот на проповедта, епископот Стојанов потсети на зборовите на папата Фрањо поврзани со крштението, каде повикува секоја година да го славиме во срцето датумот на своето крштение, затоа што тоа е – како што рече е должност на праведност кон Господ кој толку е добар кон нас.
За време на светата Литургија епископот Стојанов го изврши богојавленскиот водосвет и ги благослови приустните верници. На крајот ги повика верниците и заеднички се помолија за душата на сестра Лујза Стојачева, којa почина минатата ноќ.
Ватикан њуз/к.мк