Надбискупот Томази ги предупреди Обединетите нации за состојбата на христијаните во Ирак

За состојбата на илјадници ирачки цивили кои џихадистите ги протераа од нивните градови, за Радио Ватикан зборуваше надбискупот Силвано Марија Томази, постојан набљудувач на Светиот Престол при ООН во Женева, кој истакна дека очигледно е итно потребно физички да се заштитат христијаните на северот од Ирак. Потребно е, додаде тој, да се обезбеди хуманитарна помош, вода и храна, бидејќи децата и старите лица умираат поради недоволната помош во храна. Треба да се интервенира сега, пред да биде касно, истакна надбискупот Томази и напомена дека хуманитарната интервенција ја бара самата сосотојба на десетици илјади христијани и други помали групи во низината Нинивија, кои мораа да побегнат без ништо… само со облеката што ја имаа на себе. Затоа итно им е потребна помош.

Во овој момент потребна е воена интервенција, додаде надбискупот и истакна, но мислам дека, исто така дека итно е потребно нешто да се преземе за оние кои ги снабдуваат фундаменталистите со оружје и пари, земјите кои во тишина ги подржуваат, да излезат на виделина и да престанат со тој вид на подршка, која на крајот не им помага, ниту на христијаните, ниту на муслиманите, истакна надбискупот Томази.

Станува збор за уште една трагедија на Блискиот Исток во која се кршат основните човекови права на многубројни луѓе и цели заедници, напомена надбискупот. Се наоѓаме пред навистина слоевита состојба: од една страна имаме фундаменталисти џихадисти, кои во име на некој калифат кој сакаат да го воспостават, немилосрдно уништуваат и убиваат; а од друга страна, пак, имаме одредена рамнодушност на западниот свет. Кога станува збор за христијаните, за разговор и заштита на нивните права, владее воздржаност. Затоа сега е моментот гласот на совеста да се слушне гласно, истакна надбискупот Томази.

На новинарската забелешка дека сепак нешто се случува, надбискупот примети дека меѓународната заедница почнува да прави нешто. Видовме како Генералниот секретар на ООН зборува за неприфатливите злосторства направени врз христијаните, и конечно како првпат христијаните се нарекуваат со нивното име; а потоа и Советот за безбедност расправаше за проблемот на малите религиозни и етнички групи на Блискиот Исток, посебно за христијаните и другите групи, кои се во најголема опасност. Би рекол дека тоа е почеток на промена во однесувањето, во кое директно се спомнуваат христијаните, кои се изложени на радикални кршења на човековите права, во слоевитите политички и воени прилики кои ги гледаме на Блискиот Исток, истакна надбискупот Томази.

Мислам дека новост е и фактот дека некои муслимани, како на пример главниот секретар на Организацијата за исламска соработка, прилично со силни зборови изразија дека би ги осуди овие прогонства на недолжните христијани и за да го заштити нивното право, не само на тоа да не бидат убиени и да се почитуваат во нивната средина, туку и нивното право да живеат во сопствената куќа, како и сите други граѓани, на пример во Ирак и Сирија. Блискиот Исток без христијани би бил посиромашени и тоа не само затоа што Црквата не би била присутна, туку и за самиот ислам, на кој ќе му недостасува предизвикот за демократија и чувство за дијалог со остатокот од светот, истакна надбискупот Томази.

РВ/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот