Постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации надбискупот Бердардито Ауза говореше пред Советот за безбедност за улогата на жената во создавањето, одржувањето и градењето на мирот.
Надбискупот порача дека жените можат и треба да играат поголема улога во мировните процеси затоа што „нивните посебни дарови кои им помагаат на луѓето да станат внимателни и чувствителни на потребите на другите се важни за светот да се поштеди од понатамошно зло од војните и да ги излекуваат раните од минати и сегашни конфликти.“
Тој истакна дека голем број на жени и девојки немаат соодветен пристап до образование. Треба да им се обезбеди подобар пристап затоа што токму образованието им „овозможува на жените на целосен начин да придонесат за промовирање како и за зајакнување на мирот и хармонијата, не само во семејствата, туку и во локалните заедници и во целиот свет.“
Постојаниот набљудувач на Светиот Престол истакна дека Католичката црква веќе подолго време става акцент на апсолутната неопходност за овозможување пристап до образованието на млади жени и девојки. Таму тие ги стекнуваат способностите потребни за да станат одлични воспитувачи и експерти, кои можат да дадат голем придонес за мирно и сигурно општество.
Квалитетното образование за девојките и жените е клучно, ако сакаме да пренесеме вредности за избегнување на насилство и конфликт на момчињата и мажита. Токму улогата и влијанието на мајката се клучни во образованието на децата и младите за вредностите на мирот, взаемното почитување, помирувањето и лекувањето, а тоа е важно за создавање на мирно, инклузиво и безбедно општетсво.
Но за да се овозможи на жените поголема улога во животот на семејството и општетсвото – продолжи надбискупот Ауза – треба да се бориме против сиромаштвото и да се решат проблемите со пристапот до здравствената нега и социјалната заштита, да се обезбеди подобар пристап до вработување како и пристојна плата. Тој додаде дека голем број жени и девојки се жртви на конфликти и војни и повика да се помогне на жените кои станале жртви на насилство, да ги надминат стигмите и срамот на кои се изложени во некои општества и да бараат правда.
Владее погрешна слика дека жените се само жртви на конфликт, а не и миротворци – порача апостолскиот нунциј – и таа погрешна слика е потребно да се отстрани. На жените треба да им се понуди поактивна улога во сите фази на превенција, посредување и заврушување на конфликтот како и повоено градење на мирот. Токму жената со своите специфични способности и вештини може да понуди делотворни решенија за завршување на конфликт како и за градење на мир – рече на крајот надбискупот Ауза.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк